Дрво падна врз возило во движење кај „Зебра“, кој ќе одговара?
Утрово, врз автомобил во движење падна дрво на улицата „Васил Ѓоргов“ во скопски Капиштец, во близина на Т.Ц. „Зебра“.
Добро е што во инцидентот нема повредени, затоа што дрвото паднало врз хаубата на автомобилот, па возачот останал неповреден. Сепак, возилото е значително оштетено.
Овој булевар е под реконструкција од пред два дена. Поради тесните тротоари, тешката механизација која работеше на ископ, веројатно го поткопала дрвото, кои поради силниот ветар денеска падна на улицата.
„Екипите на јавното претпријатие ‘Паркови и зеленило’, по пријавата го отстранија паднатото дрво. Претходно, направени се записници и извршен е увид на лице место од стручни служби и МВР, при шти треба да се утврдат причините за паѓањето на дрвото“, велат од Град Скопје за „Независен“.
Забележително беше дека по почетокот на реконструкцијата на булеварот, по улицата немаше знаци и обележја кои укажуваа на работа на пат, а со оглед на тоа што се работи за тесна улица, автомобилите само преминуваа во спрoтивна лента за да ги заобиколат багерите.
Граѓани негодуваа, велејќи дека се работи потполно небезбедно, што се покажа денеска дека е точно.
За тоа кој ќе одговара за инцидентот и зошто не беше соодветно обележано дека се работи на патот, од Град Скопје не одговорија.
„Во однос на вршењето на градежните работи, постојат законски одредби и правила при вршењето на истите и доколку се покаже дека истите не се почитувале, општинските градежни инспекции можат да поведат постапка против изведувачот на работите“, стои во нивниот одговор.
За да не се повтори истата ситуација, попладнево екипи на „Паркови и зеленило“ го сечеа и другото дрво во истиот ред со паднатото. Се работи за здраво и развиено дрво, но поради вакви ситуации, побезбедно е да се отстрани. (Б.Б.)