„Другата страна“ на Црногорско народно позориште го заокружува јубилејот на МНТ
Со вечерашното гостување на Црногорско народно позориште од Подгорица и претставата „Другата страна“ на сцената на МНТ од 20 часот ќе биде заокружено роденденското одбележување на 81 година од постоењето на Македонскиот народен театар.
Режисер на претставата е Борис Лијешевиќ. Драматургијата е на Стела Мишковиќ и
Стефан Бошковиќ. Улогите ги играат: Александар Радуловиќ, Лазар Ѓурѓевиќ, Кристина Обрадовиќ, Зоран Вујовиќ, Сања Вујисиќ, Тихана Ќулафиќ, Жана Гардашевиќ Булатовиќ, Мирјана Спаиќ, Јован Дабовиќ, Јелена Ненезиќ, Ивона Раковиќ, Јелена Миниќ, Јулија Милачиќ Петровиќ Његош, Ања Мисовиќ, Анѓела Маруновиќ, Ивона Раковиќ, Ана Вујошевиќ, Јадранка Мамиќ и Данило Челебиќ.
Претставата ги поставува прашањата: „Што ни се случува?“, „Како дојдовме до ова?“, „Каде залутавме?“ и „Како се излегува од ова?“
Војната на клановите одзема десетици млади животи. Коцкарници се отвораат во поранешни библиотеки и културни центри, обложувалници покрај гимназии. Дрогата како состојка од бабината книга со рецепти. Црногорските морнари – синоним за кокаински ланци. Човечкиот живот вреди само онолку колку што може да се наплати. Човекот е во канџите на мафии, босови, дилери и лихвари. Тие стануваат авторитети, идоли и persona grata. Единица мерка за успех во животот е милионот. Се надеваме дека нема да нè закачи залутан куршум или експлозија наменета за кој знае кого. Децата навреме ќе заминат во странство и ќе се извлечат одовде.
„Другата страна“ е приказна за време во кое Бог е синоним за пари, а молитвата – стекнувањето. За време, кое не избира средства. За исцрпување на должникот до последниот цент. За човек, кој повеќе не го гледа човекот. За човек кој го заборава постоењето. Приказна за време, кое го изгубило лицето и повеќе не прави разлика меѓу лице и опачина.“, вели режисерот Борис Лијешевиќ.
Не можеме да ги затвораме очите пред фактот дека организираниот криминал навлезе во секоја клетка на општеството, дека ги разорува семејствата и дека сите ние, свесно или несвесно, станавме запчаници во тој механизам.
„Начините на кои човекот e вовлечен во ваков систем се различни, а жртви на тој систем сме сите ние. Не поставуваме прашања за спас, не нудиме одговори, туку едноставно прикажуваме една застрашувачка слика на современото време. Сè додека не собереме сила да ја испиеме „црвената пилула“, не ни преостанува ништо друго освен да живееме во овој матрикс.“, вели драматургот Стела Мишковиќ.
Непријателот повеќе не е скриен. Го видовме, го разбиравме, а потоа и го прифативме. Оттогаш се брише границата меѓу паралелните реалности – онаа што ја живееме и онаа за која мислиме дека се одвива далеку од нас.
„Низ сите пукнатини на системот, извртената верзија на вредностите си го пронаоѓа патот и станува доминантен водич, кој ја структуира целокупната реалност. Реалноста потоа се претвора во театар, граѓаните во актери и статисти.“, вели драматургот Стефан Бошковиќ.