Другата недела приватните превозници повторно ќе ги блокираат крстосниците во Скопје

Приватните превозници повторно најавуваат протести и блокади на градот ако Град Скопје и ЈСП „Скопје“ не го исплатат долгот кон нив од 1,5 милиони евра.
Денеска тие протестираа пред седиштето на ЈСП, барајќи средба со директорот Александар Стојковски, но тој бил на состанок во Град Скопје, по што превозниците се упатија кон Град Скопје за да достават барање за средба со градоначалничката Данела Арсовска. Приватните превозници доставија барање и за средба со премиерот, кој пак, претходно рече дека ќе се сретне со нив кога ќе ги добие извештаите од УЈП.
„Шест месеци сме без пари, долгот од над 1,5 милиони евра не се исплаќа. За да биде ситуацијата поапсурдна, мината недела на сметка ние беа уплатени 5.000 денари. Не разбираме каква е оваа уплата и зошто сме оставени на улица, кога 30 години го одржувавме јавниот превоз во градот. Доколку до петок не оствариме средба со претставници од ЈСП и Град Скопје, од понеделник повторно ќе протестираме со блокирање улици“, рече Јовица Зафировски, еден од приватните превозници на денешниот протест пред канцелариите на ЈСП.
Приватните превозници велат дека не конкурирале на огласот на Градот затоа што тој бил за 5 линии, а не за 16 како што било досега. Велат, тоа значи дека дел од нив повторно ќе бидат без работа, а дополнително не им веруваат на градските власти дека ќе им плаќаат редовно со оглед на тоа дека сега не признаваат дека имаат долг.
Превозниците најавиле протест со блокирање на улиците кај „Веро“, но се откажале од идејата, откако од полиција им кажале дека поради чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, деновиве низ градот ќе има посебен сообраќаен режим.
Доколку до следната недела не се најде решение за проблемот на приватните превозници и општо градксиот превоз во градот, тие планираат повторно да ги блокираат скопските улици.
Градоначалничката Арсовска смета дека Градот нема никаков долг кон приватните превозници. Претходно, таа го раскина договорот со приватните превозници, затоа што тие, наводно не ги исполнувале условите што од нив се бараат.