Дрин Ахмети: Али ми е мотивација, но нема ништо со моите бизниси
Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денес на прес-конференција тврдеше дека со „нула“ пари добил 39 проценти од акциите во „Соравија“ која вреди над 30 милиони евра
Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денес на прес-конференција тврдеше дека со „нула“ пари добил 39 проценти од акциите во конзорциумот што ќе ја раководи „Соравија“ во Скопје и дека неговата вредност не е тоа што му е чичко лидерот на ДУИ, туку тоа што добро ги водел работите на компанијата партнер од Албанија, ПЕ-ВЛА-КУ во Италија, која пак ќе поседува 51 отсто од акциите.
Според него, да држеле обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за него како „олигарх“ ќе отишле во јавното обвинителство, а не на прес-конференција. За фирмата која, според ВМРО-ДПМНЕ, има само еден вработен а добивала тендери од ЕСМ, Дрин Ахмети вели дека има околу 50 вработени и тоа мнозинството Македонци, бидејќи, како што рече, капиталот не познава етничко потекло, а сите се разбирале на англиски. Тој исто така тврдеше дека концесијата што ја добила неговата компанија „Еверест ЏД“ за ископ на варовник и која трае веќе 16 години ја наследил од неговиот брат кој не се гледал себеси во таков бизнис, а кога ја добил – Дрин имал само шест години.
„Сакаа да ја водам компанијата бидејќи не сакаат да завршат со еден милион евра долг во ‘Соравија’ секоја година“, рече Дрин Ахмети, тврдејќи дека е подготвен за секој имот што го поседува да сподели документи и дека нема да крие ништо – иако станува звор за доверливи бизнис податоци. Тој потврди дека има четири компании, 500-киловатна централа за електрична енергија, дека инвестирал 15.000 евра во проект со обновлива енергија, но не направиле ништо досега, дека се образувал на Американ колеџ во Македонија, но и во странство главно за финансиски менаџмент и бизнис.
„Ахмети ми е чичко, Бог да го благослови. Тој ми беше мотивација цел живот, но нема ништо со мојот бизнис“, тврдеше Дрин Ахмети нагласувајќи дека не сака да зборува за политика.
Според она што го изнесоа тој, сопственикот на ПЕ-ВЛА-КУ, Владимир Пјетeрѓокај и австрискиот сопственик Хано Соравија, компанијата што го водеше трговскиот центар била во долг од 20 милиони евра, бидејќи зградата била изградена со кредити, но не успевала со работењето да ги исплати досега. Дрин Ахмети, поточно неговата компанија „Тор индустрис“ и албанскиот партнер Пјетeрѓокај презеле обврска да вложат 6 милиони евра, што пак ги добиле како кредит од банката „Крединс“ во кој удел од околу 3 отсто акции има ПЕ-ВЛА-КУ, односно како еден од сопствениците на банката која е меѓу петте најголеми во Албанија, Пјетерѓокај не морал ни да даде гаранција за да добие пари, а Дрин не морал ни да инвестира свои.
„Ни јас ни Дрин Ахмети не дадовме ни пара. Станува збор за договор склучен со приватна компанија, а не државна. Ова е мал проект за нас, бидеји имаме поголеми проекти во Албанија. Ова е објект што влегува во загуби секоја година“, тврдеше Пјетерѓокај, практично посочувајќи дека „Соравија“ ја добил како обврска, бидејќи со австрискиот сопственик влегле во поголем заеднички проект на морскиот брег на Албанија. Според него, идејата е да ја направат „Соравија“ профитабилна и со парите што ќе ги заработат да го платат долгот од 20 милиони евра.
Сепак, на прашањето која е крајната цена за договорот за „Соравија“, австрискиот сопственик рече дека е деловна тајна, но цената што ја платил Дрин Ахмети била „разумна“.
На прашањето дали верува во Дрин или во презимето Ахмети, Хано Соравија рече дека е задоволен што нашол партнери во Македонија, дека внукот на Ахмети е млад претприемач но со силна компанија зад него и дека и самиот почнал со бизнис кога имал дваесет и неколку години.
„Верувам во неговото образование и во неговите преговарачки способности. Ние веруваме во личности, а не во политички врски, бидејќи не бевме ни запознаени со значењето на неговото презиме“, рече Соравија, аргументирајќи го тоа со фактот дека задржал 10 отсто од акциите и дека верува во иднината на „Соравија“. Пјетерѓокај, пак, додаде дека секој е внук на некого тука и дека претходно се јавувал на неколку објави за јавни тендери кај нас, но досега не успеал да добие ниту еден, иако Дрин Ахмети и тогаш бил внук на Али Ахмети. Наедно, соопшти дека во моментов работи на проекти во вредност од 100 милиони евра во Албанија, Косово, Хрватска и Италија, дека кај нас никој не му барал мито или го условувал за да (не) добие тендери, но и дека ѐ уште размислува дали да учествува во изградбата на Коридорот 8 во Македонија.
Внукот на Али Ахмети рече дека Хано Соравија имал тешкотии со менаџирањето на големиот долг и договорот лесно бил постигнат во Виена.

„Задоволен сум што најдов партнери од вашата држава. Имав можност да го сретнам Дрин. Ни ги кажа своите идеи, има силни компании во заднина. Мојот тим стекна доверба во него и во неговата компанија во следните години. Дрин е млад човек што гледа во иднината. Се надевам дека ќе ги пренесе своите идеи“, рече Соравија.
Прашан за колава сума ја купил зградата на трговскиот центар, рече дека не може да се сети и дека може само да претпоставува. Според одредени пресметки, деловниот центар вреди околу 31 милон евра.
„Хано Соравија ги поздрави дискусиите. Гледаше дека има хемија меѓу нас и сакаше конкретен предлог во врска со ситуацијата. Ние дискутиравме од октомври минатата година до мај оваа година кога потпишавме договор. Ова е вистинската приказна за компанијата. Ние имаме повеќе од 20 милиони евра обврски. Го презедовме долгот на ‘Соравија’ како одговорност. За плаќањето на долгот имаме земено кредитна линија 6 милиони евра, од кои три милиони се одобрени. Ова сè е направено за иднината на ‘Соравија’“, рече Дрин Ахмети зборувајќи постојано во множина за кредитната линија, а тврдејќи наедно дека лично ништо не инвестирал.