Дрејпер го декласира Руне, го освои Мастерсот во Индијан Велс

Британскиот тенисер Џек Дрејпер, синоча, го оствари најголемиот успех во кариерата, го освои Мастерсот во Индијан Велс.
Моментално 14. тенисер на АТП листата, во финалето го победи Холгер Руне, 13. на АТП листата со 6:2, 6:2.
Дрејпер беше благ фаворит во финалето, но никој не очекуваше дека работата ќе ја заврши за само 70 минути.
Британецот направи два брејка во двата сета, не дозволувајќи му на противникот ниту една шанса за брејк.
Покажа дека победата над Карлос Алкараз не била случајна, исто како и неговиот неодамнешен пласман во финалето на турнирот во Доха, каде загуби од Андреј Рубљев.
На патот до титулата, Дрејпер ги победи: Жоао Фонсека, Џенсон Бруксби, Тејлор Фриц, Бен Шелтон и Карлос Алкараз.
Ова е трета титула во кариерата за Дрејпер, по оние во Штутгарт и Виена минатата сезона.
Титулата на првиот Мастерс во сезоната ќе му донесе и висок пласман во кариерата, тој сега се наоѓа на седмо место на АТП. листата.
Следниот турнир ќе биде Мастерсот во Мајами кој е на програмата од 19 до 30 март.