Драмски театар Скопје со претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ на „Охридско лето“


Драмскиот театар од Скопје по премиерната изведба на претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во Будва, својата македонска премиера ќе ја има вечерва во рамки на драмската програма на 65-то издание на „Охридско лето“.

По четирите изведби во Црна Гора, македонската публика ќе има можност да ја гледа оваа возбудлива и духови комедија работена според текст на Душан Јовановиќ, а во режија на реномираниот хрватски автор Иван Пеновиќ.

Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче Љубљана и „Град театар“ Будва, иницирана за одбележување на петгодишнината од смртта на авторот.

Во програмската белешка се посочува дека се работи за текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во форма на комедија дел арте во 1972 година, во период на бурни историски движења и под влијание на „Сексуалната револуција“ и „Пролетта од 1968“.

„Претставата пулсира со живата еротика, младост и незаситна страст, но меѓу редови се насетува и празнината и суетата на општеството кое трча по уживање“.

Претставата по премиерата на 10 август беше изведена уште трипати на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ и секоја изведба наиде на искрен прием од фестивалската публика, која ја наградуваше екипата со долги аплаузи за енергичната изведба, актерската игра и исклучителната сценска атмосфера.

Актерската екипа од четирите уметнички куќи од регионот ја сочинуваат Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболжиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов, Јована Спасиќ.

За изведбата на претставата резервирана се Големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“ од 21 часот.