Драмски театар добива нова зграда?
На вчерашната седница на Владата, на предлог на Министерството за култура и туризам беше разгледана информација за состојбите од штетите од невремето кои настанаа во објектот на Драмскиот театар Скопје. При тоа владата го задолжува Министерството за култура и туризам, согласно предвиденото во Програмата за работа на Владата 2024-2028 година, во Годишната програма за инвестиции во културата да планира ревидирање на реализација на проект за изградба на нов објект на местото на постоечкиот објект на НУ Драмски театар во Скопје.
Драмскиот театар — Скопје е една од најстарите театарски установи во Македонија.
Театарот започнал како куклен/детски театар во рамките на Македонскиот народен театар (МНТ), која во 1946 година ја основал својата Куклена сцена. Во 1949 година, по неколку успешни куклени претстави, Куклената сцена при МНТ и официјално прераснала во Градски куклен театар, чиј прв директор бил Лазар Балабанов. Во сезоната 1957/58, под раководство на Ристо Стефановски, театарот се реорганизирал во Младинско-детски театар, кој своите претстави ги играл на две сцени: младинска и детска.
Од 1960 година во театарот започнала да работи и вечерната сцена, со првата претстава „Доживувањата на Николетина Бурсаќ“ (драматизација Миња Дедиќ, режија Петре Прличко; премиера на 5 февруари 1960).
Од земјотресот во 1963 до 1965 година, театарот немал своја зграда. На 4 март 1965 година, Драмскиот младинско-детски театар се преселил во монтажниот објект (изграден како донација на Британската амбасада) на улицата „Шекспирова“ во населбата Карпош 2. Првата претстава што била изведена во новиот објект на театарот била „Богомилска балада“. Едновремено се формирал и постојан професионален ансамбл, чии членови-основачи биле: Нада Гешоска, Димитар Гешоски, Дарко Дамески, Вукан Диневски, Мара Исаја, Јон Исаја, Ацо Јовановски, Тодорка Кондова-Зафировска, Драги Крстевски, Крум Стојанов, Милица Стојанова и Кирил Ќортошев. Истата година, театарот се преименувал во „Драмски театар“.
Од јуни, 2024 година, нов в.д. директор на Драмски е актерот Роберт Вељановски.