Драмски по четири успешни изведби во Будва, настапува на Охридско лето

По премиерата и вкупно четирите изведби на 39. фестивал „Град театар“ во Будва, каде што публиката со големо воодушевување ја прифати претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“, НУ Драмски театар Скопје најавува дека со оваа најнова копродукција ќе гостува во Охрид.
Македонската публика ќе има можност да ја гледа возбудливата и духовита комедија во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, на 17 август (недела) од 21 часот, во Центар за култура „Григор Прличев“.
Режијата е на реномираниот хрватски автор Иван Пеновиќ, а текстот е на еден од најзначајните драмски писатели во регионот – Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче Љубљана и „Град театар“ Будва, создадена во чест на петгодишнината од смртта на авторот.
Во програмската белешка се вели: „Ова е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте во 1972 година, во период на бурни историски движења и под влијание на ‘Сексуалната револуција’ и ‘Пролетта од 1968’. Претставата пулсира со живата еротика, младост и незаситна страст, но меѓу редови се насетува и празнината и суетата на општеството кое трча по уживање“.
Претставата по премиерата на 10 август беше изведена уште трипати на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ и секоја изведба наиде на искрен прием од фестивалската публика, која ја наградуваше екипата со долги аплаузи за енергичната изведба, актерската игра и исклучителната сценска атмосфера.
Авторски тим:
Режија – Иван Пеновиќ
Превод – Соња Должан
Сценографија – Лазе Трипков
Костимографија – Александар Ношпал
Композиција – Владимир Пејковиќ
Сценско движење – Дамир Клемениќ
Актерската екипа од четирите уметнички куќи од регионот ја сочинуваат:
Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболжиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов, Јована Спасиќ.