Драмски ги започна пробите за „Ифигенија за ништо“ 


Dramski teatar 1 bg
Фото: Б. Грданоски

„Ифигенија за ништо“ е насловот на првата претстава што ансамблот на НУ Драмски театар Скопје започна да ја подготвува во 2025 година.

Претставата „Ифигенија за ништо“ по текстот „Ифигенија од Авлида“ од Еврипид, се работи со адаптација, режија и кореографија на Филип Петковски. Сценографијата ја подготвува Мартин Манев, костимограф е Антонија Гугинска Јорданоска. Музиката во претставата е на композиторот Борис Харфман од Хрватска. Фотографијата е на Марко Марјановиќ. Инспициент на претставата е Жарко Намичев и суфлер Милка Анчевска.

Во драматуршката белешка режисерот Филип Петковски наведува: „Претставата дава современ и постдрамски пресврт на приказната на Еврипид. Со поставување на наративот во современото општество во кое живееме се прави паралела помеѓу антиката и современото доба во кое живееме. Оваа адаптација се обидува да ја истакне безвременската природа на овие теми и нивната важност во денешниот свет“.

Ликовите во претставата „Ифигенија за ништо“ ги играат актерите на Драмски театар :

АГАМЕМНОН: Димитрија Доксевски

МЕНЕЛАЈ: Филип Трајковиќ

КЛИТЕМНЕСТРА: Јелена Жугиќ

ИФИГЕНИЈА: Нина Елзесер

АХИЛ: Стефан Вујисиќ

АРТЕМИДА: Сара Климоска

ОРЕСТ: Марјан Наумов

ДЕЧКОТО/СВЕТИОТ ЕЛЕН: Томислав Давидовски

Хорот го сочинуваат актерките Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Јована Спасиќ, Александра Павлова Бубања и како гостин,  Јована Миладинова.

„Ифигенија за ништо“ е првата претстава што почнува со процесот на работа по објавувањето на Годишната програма за 2025 година. Премиерата е планирана за почетокот на април.

Од Драмски театар потсетуваат дека до 20 февруари е во тек конкурсот за доделување на награда „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор. Пријавувањето и условите на Конкурсот се објавени на веб страната на театарот. Конкурсот има за цел да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо.