Драмски доби 5,9 милиони денари за пет претстави


Dramski teatar 3 bg
Фото: Б. Грданоски

Министерството за култура и туризам деновиве ги достави решенијата со кои се утврдува висината на финансиските средства за работа на осумнаесетте национални установи, меѓу кои и Драмскиот театар Скопје.

Согласно Законот за култура, годишната програма за работа на националните установи на кои им е наменет делегираниот буџет, ја донесуваат директорите на установата, по претходна согласност на Управниот одбор во рок од 15 дена од донесување на решението, по што Министерството за култура и туризам и директорот склучуваат договор за финансирање на годишната програма за работа на Националната установа. Својата програма националните установи треба да ја објават на својата веб-страница.

Со Годишната програма за работа на НУ Драмски театар Скопје во делот на продукција се планираат пет претстави за кои е обезбеден буџет од 5.900.000 денари. Средствата ќе бидат распределени крајно избалансирано и одговорно согласно неопходните естетски критериуми кои мора да  соодветствуваат на нивото и реномето на Драмски.

 

Петте претстави што се планира да бидат реализирани во 2025 година се:

 

1.  „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ од авторот Душан Јовановиќ во режија на Иван Пеновиќ е голем копродукциски проект помеѓу неколку ансамбли, членки на Регионалната унија на театри – РУТА: НУ Драмски театар Скопје, Местниот театар Љубљана – МГЛ, Белградскиот драмски театар – БДП и „Град театар“ од Будва.  За копродукцијата е предвидено финансирање од 2.000.000 денари.

2. За новата постановка на култната „Болва во уво“ на Жорж Фејдо во режија на Синиша Ефтимов се планира вкупна сума од 1.300.000 денари.

3. Претставата „Куршуми над Бродвеј“ е адаптација по филмот на Вуди Ален во режија на Ненад Витанов во вкупен износ од 1.200.000 денари.

4. „Ифигенија за ништо“ адаптација по текст и режија на Филип Петковски со вкупна сума од 850.000 денари.

5. Претставата „Чворот на Гидон“ од авторот Џон Адамс во режија на Драгана Милошевска Попов ќе се реализира со вкупна сума 550.000 денари.

 

Во годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам во делот на организација на манифестации и годинава е планиран фестивалот РУТА. Четвртото издание на фестивалот на Регионалната унија на театри ќе се одржи во Драмски театар Скопје од 25 до 30 октомври со планирана вкупна сума од 1.500.000 денари.

За ставката меѓународна соработка што ги опфаќа гостувањата на ансамблот на Драмски театар во странство се планирани средства во висина од 2.000.000 денари.

Во делот на издавачка дејност на Драмски театар Скопје, Министерството го поддржува издавањето на „Театарски гласник“ како најзначајна годишна публикација што ја сублимира севкупната продукција на националните театри и драмска програма на најрепрезентативните фестивали во Македонија во една сезона. За издавачка дејност се планирани 150.000 денари. 

Годишната програма на НУ Драмски театар Скопје, согласно законската обврска е јавно објавена на веб-страницата на театарот.

 

Од Драмски театар потсетуваат дека до 20 февруари е во тек конкурсот за доделување на награда „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор. Пријавувањето и условите на Конкурсот се објавени на веб страната на театарот. Конкурсот има за цел да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо.