Драмската програма на „Охридско лето“ продолжува со претставата „Принцезата Ксенија од Црна Гора“ на Црногорскиот народен театар од Подгорица


Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува денеска со театарската претстава „Принцезата Ксенија од Црна Гора“ во изведба на Црногорскиот народен театар од Подгорица, поставка во адаптација и режија на Радмила Војводиќ.
Режисерката Војводиќ вели дека претставите се потпираат на непостојаноста на трагите, на еден вид материјално исчезнување, а оние кои се занимаваат со театарот  ја сакаат минливоста и неповторливоста на тој чин…

„Се навраќам на тоа барајќи одговор на прашањето зошто напишав еден вид пролог и епилог, т.е. дали беше потребно да се привлече вниманието кон надворешното оцрнување и неуметничкото во сеќавањето на поранешната изведба на „Принцезата Ксенија од Црна Гора“ – за поранешниот општествен контекст, и за овој сегашен, од кој се враќаме на истата тема, играјќи го истото дело?!

Всушност, го знам одговорот само до одреден степен, но еве го: сфаќам дека заборавеноста и меморијата поедноставуваат и искривуваат многу факти со кои се справувам, не само со она што е расфрлано историографски туку и со она што се случи дури вчера, па затоа имам потреба да го проверам тоа знаење… да го потврдам… да го споделам…

Гласовите на мигрантите, ги има многу од кога постои светот и векот, од почетокот на светот до… луѓе иселени доселени, во потрага на подобар живот и подобар свет… Шепотат дење и ноќе, огласувајќи ја и најинтимната историја… Но, тука, во оваа претстава – тие се над сите други, но тука е и гласот на самодоверливата и моќна жена, но и жена губитник. Гласот на нем мал народ и мала култура за која се закотвил животот. Таа зборува со мачниот глас на внатрешен егзил и истура болка преку рабовите на историските факти, од нејзината до нашата ера.

Тоа е монолог од далечината и дијалог на нашето заробеништво… вели Радмила Војводиќ

Таа е театарска режисерка, драмска писателка и универзитетски професор родена 1961 година во Бар. Дипломирала театарска режија на Факултетот за драмски уметности во 1985 година. Автор е на повеќе драмски текстови. Режирала текстови од класичната и современата драматургија и авторски театарски адаптации во белградските театри „Ателје 212“, ЈДП, Белградски драмски театар и Студентскиот културен центар; Хрватскиот народен театар „Иван Зајц“, Српскиот народен театар во Нови Сад, Црногорскиот народен театар во Подгорица, Кралскиот театар во Цетиње, како и на многу други места и фестивали.

Нејзините претстави се едни од најгледаните и најнаградуваните на голем број фестивали. Основач е и уредник на списанието за театар и култура „Гест“.
Добитничка е на голем број театарски награди и општествени награди.

Вечерашната претстава ќе се игра во Големата сала на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.

Актерската екипа ја сочинуваат Варја Џукиќм, Ана Вучковиќ, Дејан Иваниќ, Изудин Бајровиќ, Горана Драгашевиќ, Александар Радуловиќ, Јелена Лабан, Слободан Маруновиќ, Душан Ковачевиќ, Лазар Ѓурѓевиќ, Нада Вукчевиќ – Ана Вујошевиќ.