Драматично видео од спасувањето на лица од тунел на хидроелектрана во Непал


Армијата на Непал објави снимка од драматичното спасување на две лица од тунел на хидроелектрана во областа Расува, една од најтешко погодените области по катастрофалните поплави.

На видеото се гледа како војниците извлекуваат двајца мажи покриени со кал надвор од тунелот и потоа ги носат по стрмната падина над лизгав терен преполн со тиња. Еден од спасените војниците го носеле на грб.

Армијата соопшти дека операцијата е уште отежната поради екстремно непристапниот терен и опасните услови во подрачјето погодено од поплавите.

Непалската армија утринава ги засили операциите за пребарување и спасување околу хидроцентралите во Расува.

На тој простор по течението на реката Тришули во изградба се неколку хидроцентрали и проекти, а големи штети им нанесоа поплавите и свлечиштата.

Непалските државни медиуми претходно објавија дека 60 работници на хидроенергетскиот проект во изградба се водат за исчезнати откако поплавата сериозно го оштети градилиштето.

Во одделен случај, исчезнаа најмалку девет вработени во две јужнокорејски енергетски компании кои работеа на хидроцентрала покрај реката Тришули, пренесува Индекс.хр.

 

Областа Расува се наоѓа долж границата со кинескиот Тибет и е една од најтешко погодените области во катастрофата.

Поројните поплави предизвикани од уривањето на глечерот однесоа мостови, патишта и цели населени места, поради што на многу локации се стигнува само со хеликоптер.

Непалската полиција објави дека бројот на загинати се искачи на најмалку 475, додека потрагата по исчезнатите продолжува. Како исчезнати се водат 2.381 лице, а повеќе од 100 работници се заробени во тунел на хидроцентрала, соопшти непалската полиција, објави италијанската новинска агенција АНСА.

Спасувачките напори во Тибет се прекинати поради страв од натамошни поплави.

Според портпаролот на полицијата, досега се спасени 1.545 лица: 644 во Расува, 898 во Нувакот и тројца во Дадинг.

Меѓу исчезнатите има 644 странски државјани – најмногу се Индијци 178, по кои следат 65 американски државјани, 53 Украинци, 51 Малезиец, 35 Австралијци, 33 Британци и 25 Канаѓани.