Драган Б. Костиќ пушташе музика во чест на роденденот на Ѓорѓе Балашевиќ

Легендата на музичкото новинарство и диџеј Драган Б. Костиќ пушташе викендов музика во чест на роденденот (11 мај, 1953, Нови Сад)) на големиот музичар и кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ , на штандот на „Арс-Ламина“ за време на Саемот на книгата во „Борис Трајковски“.
Одбележувањето на роденденот кој почина на 67 години, во 2021 година, беше замислен како книжевно-музички настан на кој се потсетивме на неговото богато творештво преку биографската книга „Панонскиот адмирал“ од Иван Ивачковиќ што издавачот ја објави во април, како нетипична интимна и професионална биографија со колекција од ексклузивни и некои досега необјавени фотографии од Ѓорѓе Балашевиќ. Специјален музички избор од неговата дискографија, од најпознатите хитови на кои растеа безброј ЈУ-генерации, подготви Драган Б. Костиќ, кој и лично го запознал кантавторот за време на отслужување на воениот рок во Нови Сад.
Разговорот со Костиќ за средбите со Балашевиќ и бројните анегдоти поврзани со нив, ги водеше уредничката Бисера Бендевска, која беше и промотор на македонското издание на „Панонскиот адмирал“ од Иван Ивачковиќ.
Омилениот наш диџеј, Костиќ, со изборот на најубавите песни на Ѓоле, од сите фази, не врати на последниот концерт на Балашевиќ во Скопје, во мај 2018. Концертот ко концерт, што да се раскажува…Парада на добро расположение, многу пиво и познати лица во публика. Песните ни по 40 години не избледнуваат, убавите ги потиснуваат неубавите спомени од животот, ама порачувате пијачка, и така тоа почнува, па пристигате кај сватовите на бившите девојки, што да ви кажам сите вистински љубови и концерти на Џоле се тажни…
И по четврти пат во Скопје, на концертот на нашиот омилен кантавтор, се мешаа радоста, среќата, шегата и сериозната политика, животот е еден момент циркус, еднаш звучи во д-мол, некогаш ви заличува дека сѐ отишло во Хондурас, а некогаш стигнувате до дното …
… Таа беше убава ама сиромашна, да знаеше ќе ја земеше… Сакаш еднаш во животот, богата или сиромашна, тоа не го избира паметот туку срцето … Никому не му зборувате за тоа, брзо доаѓа тој бран и знаете дека ќе потонете. Спас ви носат Циганите и тамбурашите, тие имаат срце, за секој од нив, баш им е гајле за вас, тие прашуваат што да свираат…Тој сѐ имаше, всушност ништо немаше… Во војска стекнувавте пријател до гроб, и хронично запалење на зглобови. Сувенир на стражарските денови… Сите, и старите и новите генерации, во животот имаме по дел од приказната за Васо Ладачки… (Л.С.)