Драчево ќе добие модерна градинка за 110 деца
„Денеска се уверивме дека градежните работи на детската градинка при ЈОУДГ „8ми Март“ се завршени и наскоро, откако ќе ги мине пропишаните контроли и надзори ќе ги прими и првите деца“, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, при увидот на објектот во скопската населба Драчево.
Во градинката која е изградена според сите европски стандарди ќе бидат сместени 110 деца во шест занимални, од кои во две ќе бидат згрижени децата до двегодишна возраст, а во останатите четири, деца до шест години.
Според Шахпаска, градинката во Општината Кисела Вода е првата градинка во нашата земја која е изградена со керамичка вентилирачка фасада (фотокаталитична) која има својства за прочистување на воздухот, бидејќи на себе ги лепи штетните честички од амбиенталниот воздух, кои потоа преку измивање со дожд се отстрануваат од неа. Со ова, рече Шахпаска испочитувани се најсовремените стандарди за енергетска ефикасност.
Според министерката соработка со општините е многу важна бидејќи без активен, отворен и посветен приод нема успешно да бидат спроведени овие проекти. Таа рече дека денеска тоа се Општина Кисела Вода и градоначалникот Филип Темелковски, бидејќи на терен ја покажале грижата за развојот на заедницата и за унапредување на животот на своите сограѓани.
Изградбата на оваа градинка е дел од севкупните социјални реформи кои ги спроведува Владата и министерството за труд и социјална политика, а е администрирана преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, финансиски поддржан од Светска банка. Преку овој проект 16 општини во земјава добиваат нови градинки или преку градежни зафати се прошируваат капацитетите на веќе постојните.