ДПМ ќе воведува награда „Горан Стефановски“ за стимулација на домашното драмско творештво
Во Штип, во организација на Центарот за култура „Ацо Шопов“ вчера се одржа трибина на тема „Националниот театар и националната драма“ на која дебатираа Христо Петрески, Гоце Ристовски, Катерина Петровска Кузманова, Мишел Павловски, Кристина Николовска и Тодор Кузманов. Во изјавата за нашиот медиум дадена по завршувањето на овој настан, Христо Петрески, претседател на Друштвото на писатели на Македонија, за „Исток прес“ сублимирајќи ја дебатата изјави:
„ДПМ е асоцијација во која има најголем број драмски писатели. Тука се, безмалку сите значајни македонски писатели на драмски текстови како Венко Андоновски, Блаже Миневски, Јордан Плевнеш, Трајче Кацаров, Гоце Ристовски, Сашко Насев, Дејан Дуковски, Југослав Петровски и други. И токму поради ситуацијата во која што имаме сé помалку македонски драмски автори и се помалку драмски текстови од домашни автори што се играат во македонските театри, во ДПМ одлучивме да ја востановиме наградата ‘Горан Стефановски’ за што конкуриравме во Министерството за култура. Ние од фелата остануваме во верување дека веќе од наредната година оваа награда ќе се доделува, а таа ќе биде и дополнителна мотивација за пишување и објавување на нови драмски дела од домашни автори“, рече Петрески.
Според првиот човек на ДПМ тоа е едната работа.
„Втората работа која исто така е од посебна важност е тоа што овие драмски писатели ќе бидат одредена група, една мала асоцијација, една секција во рамките на ДПМ, и верувам дека сите тие заеднички ќе го кренат гласот како драмски писатели и ќе покренуваат активности и акции кои се поврзани со домашниот автор, домашни текст, домаш театар. Јас верувам дека не само наградата ‘Горан Стефановски’ туку и активностите на драмските писатели на македонски јазик ќе ги активира и младите автори што побргу да посакаат да станат членови на ДПМ и да конкурираат за оваа значајна награда“, вели Петрески.
На овој начин, според Петрески, со конкретни активности, со конкретни предлози, во иднината која е пред нив писателите нема само да кукаат и лелекаат дека не се поддржани на домашен терен.
Тој уште рече дека секој домашен автор, во такви услови, исто така ќе се бори неговиот текст да се игра и во нашите театри. А како ќе се игра? Ќе се игра доколку Министерството инсистира на репертоарите на домашните театри задолжително 30 проценти од претставите, како што било и порано, да бидат дела на домашни драмски автори.Тоа, според Петрески, никако не значи локал патриотизам бидејќи 70 проценти од драмските дела кои ќе се играат во нашите театри ќе бидат од странски автори.