ДПМ го одложи доделувањето на наградите на тематскиoт конкурс на „Празник на липите 2025“

Штуро помина веста во пошироката јавност дека поради одредени некохерентности во изборниот процес (жирито е тајно), изборот на наградените и доделувањето на наградите на конкурс на тема „Помеѓу пејзажот и бетонот“, при затворањето на манифестацијата „Празник на липите 2025“ ќе се одложат за датум што ќе биде дополнително одреден од страна на Управниот одбор на Друштвото на писателите на Македонија. Во културните кругови пак се нагаѓа што стои зад ова одложување. Претседателот на ДПМ, Живко Грозданоски, пак уверува дека не се работи за никаков скандал, туку немањето на правилник за наградите, кои до лани беа доделувани во истиот ден заедно со наградата „Книжевен жезол“ чиишто годинашни лауреати се Славе Ѓорѓо Димоски од Македонија и Радмила Лазиќ од Србија.
Манифестацијата „Празник на липите“, заедно со наградата „Книжевен жезол“ е основана во 1996 г. од страна на поетесата Светлана Христова-Јоциќ, тогашна претседателка на Друштвото.
Пред свеченото врачувањето на наградата „Книжевен жезол“ за творечки опус на двајцата лауреати, за творештвото на поетот Славе Ѓорѓо Димоски беседеше поетот Зоран Јакимоски, а за творештвото на Радмила Лазиќ пригодна реч одржа академик Катица Ќулавкова.
Оваа година во свеченоста учествуваше и претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, која ѝ го врачи книжевниот жезол на лауреатката Радмила Лазиќ од Србија. На лауреатот Славе Ѓорѓо Димоски статуетката му ја врачи претседателот на ДПМ, Живко Грозданоски.
Следниот ден, 14 јуни, се одржа книжевното читање „Празник на липите“, на кое со свои стихови се претставија петнаесетина поети и писатели, членови на ДПМ: Сузана Мицева, Милчо Мисоски, Искра Донева, Фима Клетникова, Каљош Челику, Даниела Андоновска-Трајковска, Ивица Челиковиќ, Лулзим Хазири, Вања Изова-Велева, Љубинка Донева, Борче Панов, Лејла Шериф Емин и Дејан Трајкоски.