Дождот и влагата ѝ наштетија на пченицата во Пелагонија

Болеста ‘рѓа веќе се појави кај житните култури. Земјоделците се загрижени


Ѓорги Ѓоргиевски, земјоделец од Логоварди, битолско, се жали дека житото веќе страда од влагата и болести

 

БИТОЛА – Житото во големата и плодна Пелагонија зрее, ама влагата од интензивните и долготрајни врнежи од дожд и наместа од град прават штета на родот, се жалат земјоделците од битолскиот регион.

Кај житните култури веќе е појавена ‘рѓата како последица на влажното време. Таа е опасна бидејќи прави рани во вид на дамки (‘рѓи) на стеблото и листот, кои на горната страна на листот се отворени и низ нив пченицата губи вода, објаснуваат земјоделците.

Во исто време земјоделците се жалат дека годинава, иако ќе има повисоки приноси од лани сепак цената ќе биде пониска, што е на нивна штета.

Ѓорги Ѓоргиевски, индивидуален земјоделец од селото Логоварди, битолско се жали дека житото веќе страда од влагата и болести.

„Житото зрее, имаме проблеми со влагата, се крепиме некако, ама веќе е појавена болеста р’ѓа на житото. Ако продолжат дождовите и влагата сѐ повеќе се зголемува ќе биде тешко за жетвата. Реално ќе биде тешко за сите, може да има намалување на приносите и гниење. Ако ‘рѓата се развие до тој степен ќе се десеткува производството. И да употребиме препарати ќе биде тешко и од нивниот квалитет ќе зависи што ќе можеме да спасиме од пченицата“, се жали Ѓоргиевски.  

Слична е состојбата и со квалитетот на јачменот, чија жетва во Пелагонија треба да почне за десеттина дена.

Земјоделците ги загрижува и цената на житото, иако засега се е на ниво на шпекулација, Ѓоргиевска очекува дека цената на житото годинава ќе биде ниска, дури пониска од ланската.

„Очекуваме цена под дваесет денари за килограм, лани јас добив 21,5 денари за килограм. Но, годинава се очекува добар принос, ако велам се спаси житото од болеста. Па, можеби со повисоките приноси ќе компензираме“, вели Ѓоргиевски кој обработува шест хектари по житни култури (пет од нив под пченка) и два хектари со градинарски култури.

Министерот Љупчо Николовски при посетата во Битола кажа дека подсекторската група денеска разговара за состојбите со житото со сите засегнати страни.

Според Николовски оваа година имаме зголемени површини под пченица, нови 4 илјади хектари, а се очекуваат над 253 илјади тони пченица, што претставува раст во споредба со лани. 

„Да ги почекаме анализите на подсекторската група која денес има состанок и активно следење на откупот на пченицата. Минатата година постигнавме рекордни цени во откупот на пченицата, јачменот и оризот. Највисока цена на тутунот и за 30 проценти повисока откупна цена на грозјето. И оваа година ја усвоивме програмата за Интервентниот фонд како финансиската поддршка надвор од субвенциите и сите останати мерки за интервенција на пазарот и поддршка на производителите“, рече Николовски.