Дождот го „изеде“ булеварскиот влез на Битола од страната на Прилеп

ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе го одржат предизборниот митинг во Битола и извесно е дека караванот ќе помине по новиот асфалт на булеварот во изведба


Изведбата на новиот булеварски влез во Битола од страната на Прилеп ги покажа недостатоците уште по првите поинтензивни дождови. По вчерашниот дожд новиот асфалт во должина од околу 200 метри наместа е спуштен под нивото, а наместа шахтите се повисоки од патот. Ваквата слика денеска ја обелодени преку видео независниот советник Иван Чулакоски од Битола. Тој вели дека по пет дена од асфалтирањето на коловозот на булеварскиот влез се покажаа недоследностите во изведбата.

Од Општина Битола напоменуваат дека булеварот се уште е во изведба.  Инаку прв забелешка на изведбата даде премиерот Христијан Мицкоски уште во летото кога кажа дека не е задоволен од динамиката на изведување на работите. ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе го одржат предизборниот митинг во Битола и извесно е дека караванот ќе помине по новиот асфалт на булеварот во изведба.

„Од фушерај и крпејнци не можиме да куртулиме! Пет дена од асфалтирањето, го проголта земјата. Ова е улицата која 700 пати беше изрекламирана и најавувана како еден од капитален проект на Битола. Со првиот дожд ја проголта земјата. Ова се вашите капитални проекти?“, рече Чулакоски од лице место.

Објавеното видео предизвика низа на реакции во јавноста, особено кај битолчани кои со децении наназад бараат современ булеварски влез за градот, осветлен со современо сообраќајно решение.

Граѓанскиот активист Виктор Илиев на социјалните мрежи коментира -„Платени и изведувачи, и надзор, и контрола и пак работите се сведуваат на ентузијазам на луѓе. Во нормални држави (не знам кои се фирмите) но вакви фирми повеќе никогаш не би фатиле тендери“, вели Илиев.

За ситуацијата Општина Битола испрати соопштение во кое објаснува дека –„Во текот на вчерашниот ден, по обилните врнежи од дожд, настана оштетување на тротоарот на дел од булеварскиот влез од страната на Прилеп, од десната насока. Тротоарскиот дел сè уште е во фаза на изведба. Од утринава, на терен се стручни екипи кои вршат теренска проверка со цел да ги утврдат причините за настанатата штета“, соопшти општината.

За Општина Битола булеварскиот влез на Битола од страната на Прилеп е значаен капитален проект за Пелагонскиот регион, а градоначалникот Тони Коњановски најави и  булеварски влез од страната на Охрид.

„Еден од најзначајните капитални зафати во последните години е токму проектот за булеварскиот влез во Битола од страната на Прилеп – проект кој значи нова динамика, ново урбано лице и целосно нова функционалност на овој дел од градот. Овој влез беше со години една од најболните точки за Битола – делница што не ѝ доликуваше на нашата историја, традиција и иднина. Денес, тоа се менува со цел да имаме модерен, функционален и достоинствен влез кој ќе биде симбол на еден нов развоен период“, објави актуелниот градоначалник Тони Коњановски.

Според општината, на потегот од бензинската пумпа „Лук Оил“, до самиот влез во градот според ГУП, се реализира реконструкција на коловозот во должина од 1,3 километри. На првата фаза, во должина од 840 метри, се финализираат активностите, кои ја опфаќаат изградбата на булеварски влез со ширина од 27,5 метри. Булеварот се состои од два коловози со ширина од по 7,5 метри, одвоени меѓусебно со урбано уредена разделна површина. Дополнително од двете страни, булеварскиот влез опфаќа пешачки и велосипедски патеки со ширина од 5,5 метри, надополнети со ново улично осветлување, со што ќе се заокружи целината на оваа инфраструктурна инвестиција.

На оваа реконструкција и претходеше изградба на атмосферска канализација, како и реконструкција и дислокација на мешовита канализација во должина од 732,30 метри. Се изработија и куќни приклучоци за мешовита канализација со должина од 88 метри, како и нова водоводна мрежа на овој дел.

Втората етапа на реализација на булеварскиот влез, ќе ги опфати истите градежни активности, кои вклучуваат реконструкција на канализационата и водоводната мрежа, нови коловози, тротоари и велосипедски патеки. Улично осветлување од над 1300 метри.

„Булеварскиот влез од страната на Прилеп е првиот впечаток кој го има секој кој доаѓа во нашиот град. Работиме со максимална посветеност за што побрзо да го завршиме овој проект и Битола конечно да добие булеварски влез каков што заслужува – влез што ќе го одразува карактерот, традицијата и иднината на нашиот град“, објави Коњановски.

Во јуни годинава премиерот Христијан Мицкоски при посета на Битола рече дека објективно не е задоволен како се изведува реконструкцијата на влезот на Битола од страната на Прилеп и прстот го впери во изведувачот.

Станува збор за проект вреден над 102 милиони денари.

„Што се однесува до влезот, морам објективно да кажам дека и покрај сето она што го прави Општината, за жал не сум задоволен од динамиката на изведување на работите. Ова е порака пред сѐ до изведувачот, затоа што имаме уште седум-осум месеци до рокот, а не е завршено ни триесетина проценти тоа што е договорено. Очекувам да се забрза таа динамика и да се испочитува рокот, бидејќи тоа нормално предизвикува непријатно чувство и фрустрација кај битолчани. Тоа што можев да го видам не е соодветно со тоа што треба да биде како динамика и лично ќе го следам развојот на овој проект“, рече Мицкоски во Битола. 

Камен-темелникот за изградба на булеварскиот влез на Битола од страната на Прилеп беше поставен лани на крајот на јули.