Доста е од сервилноста на Заев кон Рама


АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ

Сите видовме како поминаа локалните избори во Албанија. Нема друга држава во Европа каде што учествува само една партија и на избирачкото ливче имате само еден кандидат. Тоа не е демократија, тоа е диктатура и комунизам. Кое е тоа понижување на демократијата кога никој друг не сака да учествува на избори затоа што постојат сериозни докази дека претходните биле масовно местени и купувани и вие упорно да одите на истите. Каков е тој однос кон својот народ на гласачко место да одите по бермуди, а сте премиер на државата? И на крај, секако народот не го прифаќа тоа, па така излезеноста во Албанија со сите притисоци, уцени, закани, поткуп и полнење кутии беше бедни 21 проценти, реалниот веројатно е под 15.

Еди Рама нема проблем со тоа! Она што го интересира е дека ќе владее со сите општини. Колку долго е друго прашање и како ќе заврши е исто така друго прашање. Проблемот е толку голем што реномирани европски весници објавуваат докази за евидентен криминал и поткуп на гласачи. Тој и таков Еди Рама и таа и таква Албанија за жал се партнерот на Македонија во евроинтеграциите. И да не се разбереме погрешно – на сите што живеат во Албанија им посакувам сè најдобро и просперитет, моето неслагање е со политиките и методите на нивниот премиер, а не со жителите или државата. Напротив, имам драги пријатели таму кои заслужуваат државата да им оди напред. Впрочем, тој народ со останувањето дома најдобро му кажа на Рама што мисли за него.

Но тој Рама, како што кажав, е партнер на Заев и по договор од минатата зима, кој уште тогаш го објавив, Македонија и Албанија се во иста група. Па како да почнат преговори за членство со Албанија кога на избори им учествува само една партија. Кој минимум пристоен политичар од која било држава членка на ЕУ ќе се согласи да преговара со земја каде што нема демократија, нема слободни и компетитивни избори и слобода на избор? Се разбира, никоја! Ако на тоа додадете дека во земјата цветаат криминал и корупција и станува најголем производител и извозник на дрога во Европа, тогаш уште посилно е уверувањето на европските политичари дека со таа и таква Албанија, односно со тоа и такво недемократско и корумпирано водство не сакаат и нема да почнат преговори. Тоа е вистината!

Прашањето е како да почнат преговори со Македонија ако сме во иста група со Албанија водена од ваков премиер? Одговорот е едноставен – никако! Логично се поставува прашањето кога веќе Заев се договорил минатата година преку Бујар Османи со Еди Рама Македонија да забави со реформите за да влезат во иста група надевајќи се дека годинава ќе почнат заедно преговори, па така да му направи услуга на својот пријател Рама, кој ја создаде вештачката „тиранска платформа“ поради која Заев дојде на власт, значи на еден начин да му возврати, ама ете, планот не успеа, па прашањето е – што ќе направи Заев Македонија да се одвои од Албанија со цел да може да се надева дека во октомври ќе добие датум за почеток на преговори. Ќе направи ли нешто Заев? Се разбира дека не! Затоа што Заев е зависен од Рама, затоа што коленичи пред него. Зависен е од Рама затоа што без албанските гласови Заев нема власт. Македонците одамна го отпишаа па Рама му е единствена надеж. Затоа логичниот потег на Стево Пендаровски да побара одвојување на Македонија од Албанија во процесот на евроинтеграции беше дочекан на нож од Заев! Заев не може без Рама! Тоа што Заев не го знае е дека во меѓувреме Рама стана толку неомилен меѓу Албанците што дружењето со него и поддршката кон него не само што не му носи плус меѓу Албанците, туку му носи и минус и тоа ќе го види скоро на следните парламентарни избори.

Но Заев по нешто и учи од Рама. Така, учи како се местат тендери, на пример, за стерилизација. Или учи како најдобро со бизнисот со марихуана или учи како да договараш сомнителни набавки за какви слушаме и гледаме деновиве. Таа школа на лично богатење и злоупотреба на власта ја научил дефинитивно добро од Рама. Но таа школа завршува на исти начин како и во Албанија, со силно вртење на грбот и губење на поддршката од страна на гласачите.

Иднината има јасен правец, Заев треба час поскоро да си оди затоа што останувањето значи назадување. Останувањето значи корупција и криминал, значи стагнирање кон ЕУ и примена на методите на Рама во Македонија.

На Албанија ѝ посакувам брзо да закрепне од Рама. Неговиот пад е блиску, многу блиску, самиот тој не е свесен колку блиску, мисли дека добил власт уште неколку години, во суштина му остануваат уште неколку месеци. Тоа е добро затоа што граѓаните на Албанија заслужуваат подобро, токму како и граѓаните на Македонија. Без Заев и без Рама!