Досегашниот кабинет брои ситно. До петок ќе падне влада
Кабинетот на Зоран Заев ја одржа вчера една од последните седници во овој состав, во отсуство на премиерот кој отпатува во Лондон, каде што заедно со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев учествуваа на Форум за Западен Балкан, во организација на „Фајненшал Тајмс“. До крајот на оваа работна седмица, според најавите, во Собранието треба да биде испратена предлог-листата со нови имиња за министри и евентуално за ротација на досегашни членови на владата во други ресори, како и оставките или предлозите за разрешување на неколкумина министри.
Вицепремиерката Радмила Шекеринска, во гостување на Телма, изјави дека списокот за реконструкција ќе биде доставен до петок до пратениците. За предлозите за министри ќе се гласа поединечно, затоа што намерата е да се сменат максимум осум членови на владата. Така нема да се надмине квотата од една третина за да се повторува целата постапка за избор на владиниот кабинет. Вторник – 25 јуни се посочува како термин за одржување на собраниската седница за избор на новите министри. Седницата не би требало да трае повеќе од два дена.
Шекеринска рече дека на дел од кадрите во извршната власт што ќе бидат сменети од функциите ќе им бидат понудени други позиции за кои ќе се оцени дека може да бидат посоодветни. Иако најавената промена на осум министри на опрв поглед изгледа обемна, и покрај тоа што не надминува една третина од сегашниот состав, во суштина поголеми изненадувања може да се очекуваат во три до четири ресори. Една од позначајните новини за кои се дозна во текот на вчерашниот ден е дека ЛДП трампа едно пратеничко место за ресор во владиниот кабинет. Од партијата единствено потврдуваат дека очекуваат ресор во кабинетот на Заев, за што, како што се посочува, конечниот збор, сепак, го има премиерот. Според информациите, Собранието ќе го напушти лидерот на ЛДП Горан Милевски, за да застане на чело на Министерството за локална самоуправа, на местото на Сухејл Фазлиу, кадар на НДП. Со тоа ЛДП ќе остане со двајца пратеници, а НДП, чиј пратеник е единствено Весел Мемеди, ќе предложи министер без ресор. На местото на Милевски во парламентот влегува следната кандидатка од листата на владејачката коалиција во петтата изборна единица – Александра Цветковска од СДСМ. Со тоа од владата заминува либералдемократот Зоран Шапуриќ, кој беше министер без ресор. Од ЛДП велат дека не станува збор за незадоволство од работата на Шапуриќ, туку за добивање ресор во владата. Затоа Шапуриќ веројатно ќе биде преместен на друга функција во извршната власт.
Извесна е и смената на Садула Дураки од ДУИ од министер за животна средина, на чие место треба да дојде Насер Нуредини, син на познат бизнисмен од Виена. ДУИ, според информациите, ќе предложи ротација на Дураки на челното место во новото Министерство за политички систем кое се формира како замена за Секретаријатот за Рамковен договор. Укинувањето на овој Секретаријат, пак, ќе значи разрешување на досегашниот вицепремиер Хазби Лика, исто така од редовите на ДУИ, кој во изминатата повеќе од една година се прочу најмногу поради тоа што не одеше на работа. Испразнето е и министеркото место во култура, по оставката на Асаф Адеми, додека министерот за земјоделство Љупчо Николовски исто така најави оставка откако беше избран за генерален секретар на СДСМ.
Со извесната смена на Лика, Фазлиу, Адеми, Николовски и на Шапуриќ, практично, остануваат уште најмногу три министерски позиции што би можело да бидат испразнети. Тие веројатно ќе бидат за кадри од редовите на СДСМ. Притоа, позициите на министерките за одбрана Шекеринска, за правда Рената Тренеска Дескоска и за труд и социјална политика Мила Царовска најверојатно се сигурни, откако Заев најави дека ќе нема смена на жени во владиниот кабинет. Интервенции, главно, се очекуваат во ресори што ја допираат економската сфера.
Исто така, се најавува смена и на дваесетина директори на државни претпријатија или на раководители на институции. Промените во третиот ешалон може да почнат уште следниот вторник, кога владата ќе заседава се уште во овој состав, или, пак, по изборот на новите министри. Не се исклучува и смена на неколку заменик-министри во Собранието, како и на два-тројца државни секретари во министерствата, по изборот на новите министри. Позицијата државен секретар е веќе испразнета во МНР, по именувањето на Виктор Димовски за директор на новата Агенција за безбедност. Можни се смени и на раководни позиции во институции и јавни претпријатија на локално ниво. Така, на пример, назначувањето на Душко Весковски за организациски секретар на СДСМ, наметна потреба од избор на нов директор на скопското ЈП „Водовод и канализација“. (А.М.М.)