Дополнитела воздушна поддршка за гаснење на пожарот помеѓу Желино и Еребино, затворен регионалниот пат Тетово – Скопје


Во гаснење на пожарот помеѓу Желино и Еребино, со кој се зафатени сува вегетација и грмушки, од 16 часот ќе бидат вклучени два авиона „Ер трактор“, најави Дирекцијата за заштита и спасување. 

На терен веќе се дејствува со еден армиски хеликоптер, еден полициски камиони марка МАН со цистерна од осум тона и воден топ, два пинцгауери, еден „хермелин“, 30 војници и повеќе екипи на скопската бригада за противпожарна заштита заедно со пожарникарите од ТППЕ Тетово.  

Како што соопшти претходно АМСМ, поради пожарот од 13:15 часот регионалниот пат Тетово – Скопје на потег од Добарски надвозник до бензинска пумпа „Џезо Петрол“ е затворен за сообраќај. Сообраќајот се пренасочува по автопат Тетово-Скопје-Тетово кај село Групчин и село Желино.

Во текот на денешниот ден, заклучно со 14 часот, на територијата на државата се евидентирани вкупно 11 пожари на отворен простор, од кои шест се активни, три се под контрола, а три се изгаснати.

Покрај пожарот во Желино, активни се и пожарите во општините Василево – с. Нивичино, каде гори нискостеблеста шума, Македонски Брод – село Грешница со зафатена мешана шума и ниска вегетација, Прилеп – помеѓу селата Царевиќ и Смолани, мешана шума и ниска вегетација. Поради силен ветер повторно е активен пожарот во Велес – кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци, со краци во неколку правци, каде е зафатена мешана нискостеблеста деградирана шума, а пожар има во Општина Сарај до Обиколницата каде гори сува трева.