Донирани органи од лице кај кое било потврдена мозочна смрт, подарен живот за најмалку тројца пациенти

Еден млад човек добил срце, а кај две лица на дијализа веќе се трансплантираат бубрезите. Уште неколкумина во наредните денови ќе можат да добијат коскени ткива


Едно храбро семејството вчера одлучи да ги донира органите од својот близок кај кој беше потврдена мозочна смрт. По направените подготовки и координацијата помеѓу тимовите од интерните и хируршки клиники, доцна во ноќта започа експлантацијата, а веднаш потоа и трансплантацијата, најпрво на срцето, а утрово и на двата бубрега, соопштија од Министерството за здравство.

Од МЗ наведоа дека еден млад пациент добил срце, а кај двајца пациенти на дијализа веќе се трансплантираат бубрезите. Уште неколку пациенти, како што додадоа, во наредните денови ќе можат да добијат коскени ткива.

– Со нивната хуманост и одлуката да ги донираат органите, ова семејство подари живот на најмалку тројца пациенти, а на сите нас да ни донесе утро полно надеж. И за тоа сме им бескрајно благодарни. Благодарност и до медицинските тимови од сите клиники вклучени во експлантацијата и трансплантацијата, кои изминатото деноноќие неуморно работеа и се уште работат, посочија од МЗ.