Донесена Декларација за осуда на насилството врз градоначалникот на Град Скопје, на предлог на СДСМ

Советниците од Град Скопје, на денешната седница донесоа „Декларација за осуда на насилство врз институцијата градоначалник на Град Скопје, насилство врз жените и почитување на законските мерки и процедури од надлежните органи“, со која искажаа поддршка за градоначалничката Данела Арсовска, која во последниот период се соочува со закани и напади, откако почна јавно да ги обзнанува дивоградбите во Чаир.
„Свесни за важноста од владеење на правото и принципите на демократијата и почитувањето на институциите, ние, членовите на Советот на град Скопје, ја осудуваме секоја форма на насилство, насочена кон институцијата градоначалник на Град Скопје и кон личноста што ја извршува оваа функција, без разлика на нејзиниот пол, а особено насилството кон градоначалникот како жена, што претставува двоен напад, врз институцијата и врз безбедноста на жените во јавниот живот. Го осудуваме секое непочитување на законските процедури и механизми утврдени заради обезбедување ред, правда и безбедност на сите граѓани и функционери. Ги повикуваме надлежните органи да постапат согласно со своите законски ингеренции, да ги истражат сите случаи на насилство, закани или притисоци, насочени кон институцијата градоначалник на град Скопје и кон градоначалникот како жена, да утврдат факти и да обезбедат целосна заѓштита. Ги повикуваме органите да постапуваат согласно со наодите од своите истраги, да преземаат соодветни мерки за спречување на насилството и криминалот и да обезбедат данкции за сите што ги прекршуваат законите и не ги почитуваат процедурите и институциите. Со оваа Декларација, ја потврдуваме нашата посветеност на принципите на еднаквост, недискриминација, владеење на правото и безбедност за сите, особено за жени што се соочуваат со сите форми на насилство“, стои во Декларација, која денеска беше едногласно донесена од сите советници, а на предлог на СДСМ.
„Каква било Декларација, формална да усвоиме на овој Совет, на Собрание, на највисокото тело на светот, не вреди ништо, ако секој од нас, во рамките на своите групи, во рамките на совето делување, не го практикува тоа што стои на хартија“, рече Драгана Велковска од ЗХГ, која апелираше сите да размислиме каде го носиме нашето општество и дали за ситни привилегии ќе го изгубиме и згазиме и своето и туѓото достоинство.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја прифатија Декларацијата и го осудија насилството.