Донарума во шок: Провалници влегле во куќата на голманот на ПСЖ, ги врзале него и неговата девојка


Голманот на ПСЖ, Џанлуиџи Донарума и неговата девојка доживеаја шок во четвртокот навечер.

На италијанскиот фудбалски репрезентативец Џанлуиџи Донарума и неговата девојка Алесија Елефанте им била ограбена куќа ноќта меѓу четвртокот кон петокот.

Во средината на ноќта неколку мажи упаднале во нивната куќа и ги ограбиле. Донарума и девојката биле врзани и соблечени и оставени таму пред да им одземат скапоцености и значителна сума пари.

Според полициски извори, штетата во моментов се проценува на половина милион евра во „часовници, накит и луксузна кожна роба“, а сторителите моментално се во бегство.

Според Act17, полицијата била повикана од персоналот на блискиот хотел каде парот се засолнил по грабежот околу 3 часот наутро, откако се ослободиле од јажињата. Италијанскиот голман и неговата девојка по нападот се префрлени во болница во шок.

Донарума е последниот во низата играчи на ПСЖ кои беа жртви на провални кражби во последниве години, вклучувајќи ги Пренел Кимпембе, Маркињос, Тиаго Силва, Анхел Ди Марија, Дани Алвеш, Ерик Максим Чупа-Мотинг, Серхио Рико и Мауро Икарди.

Донарума во саботата требаше да замине за Јапонија, каде парискиот клуб ја одржува претсезонската турнеја.

Париската судска полиција, односно Бригадата за сузбивање на разбојништвото (БРБ) води истрага.