Доналд Трамп ја обедини Америка – против себе


РОБЕРТ РАЈХ

Доналд Трамп е на работ да го оствари она што ниту еден американски претседател досега не го постигнал – вистинска мултирасна, мултикласна, двопартиска политичка коалиција, којашто може да ја пренасочи американската политика за наредните години.

За жал на Трамп, таа коалиција се формира за да го спречи да добие втор мандат.

Започнете со претседателската трка. Наместо да ѝ даде гориво на својата база, непријателството на Трамп кон луѓето кои протестираат против убиството Џорџ Флојд од страна на полицијата и системскиот расизам, тој поттурна милиони бели Американци поблизу до црните Американци. Повеќе од половина од белците сега велат дека се согласуваат со идеите изразени од движењето „Црните животи се важни“, а повеќе белци ги поддржуваат отколку што се спротивставуваат на протестите против полициската бруталност. Во извонреден степен, самите протести се дворасни.

Како што изјави Џон Луис, големиот херој за граѓански права кој почина неодамна, во близина на местото каде Трамп и Вилијам Бар, јавниот обвинител, поставија федерална полиција во полна опрема за растурање немири со солзавец против мирните демонстранти, „Г-дине претседател, американскиот народ… има право на протест. Вие не можете да ги запрете луѓето со сите сили што може да ги имате под ваша команда“.

Дури и многу поранешни гласачи на Трамп се згрозени од расизмот на Трамп, како и од неговата целосна морална нечистотија. Според неодамнешната анкета на „Њујорк тајмс“/Сиена колеџ, повеќе од 80 отсто од луѓето кои гласале за Трамп во 2016 година, но нема повторно да го поддржат во 2020 година, сметаат дека „не се однесува како што треба да постапи претседателот“ – гледиште споделено од 75 отсто од регистрираните гласачи низ државите каде ќе се одвиваат клучните изборни битки во ноември.

Втор голем обединувач се нападите на Трамп врз американскиот систем на владеење. Американците не ја сакаат или не ѝ веруваат посебно на владата, но речиси сите чувствуваат лојалност кон уставот и принципот дека ниту една личност не е над законот.

Политизацијата на Трамп на министерството за правда, нападите врз владеењето на правото, барањата до други држави да помогнат да се ископаат валкани работи за неговите политички противници и евидентната љубов кон диктаторите – особено Владимир Путин – беа лоша игра дури и за тврдокорните конзервативци.

Бегалците од пред-Трамп републиканскиот камп заедно со движењето „Никогаш трампист“ меѓу републиканците кои го отфрлија од почеток, се здружуваат со групи како што се „Републикански гласачи против Трамп“, „Републиканци за владеење на правото“, „Проект Линколн“ и „43 алумни за Бајден“, кои опфаќаат поранешни функционери на администрацијата на Џорџ Буш (43. претседател). „Проектот Линколн“ произведе десетици тврди реклами против Трамп, а многумина работат во Фокс њуз.

Третиот голем обединувач е катастрофалното лошо справување на Трамп со пандемијата. Многумина кои може да им простат на недостатоците на неговата личност и на авторитарните импулси, не можат да го поддржат неговото справување со јавна здравствена криза што им се заканува на нивните животи и на најблиските.

Во анкетата објавена минатата недела, 62 отсто рекоа дека Трамп „повеќе повредува отколку што помага“ во напорите за борба против Ковид-19. Цели 78 проценти од оние кои го поддржаа во 2016 година, но нема да гласаат за него повторно, не го одобруваат неговото справување со пандемијата. Гласачите во разнишаните држави како Тексас, Флорида и Аризона – кои сега го чувствуваат товарот на вирусот – им велат на аанкетарите дека нема да гласаат за Трамп.

Иако причините за влез во коалицијата против Трамп немаат никаква врска со Џо Бајден, претпоставениот предизвикувач на Трамп, демократот сепак може да стане трансформативен претседател. Тоа е помалку заради неговите сопствени вештини отколку поради тоа што Трамп ја подготви Америка за трансформација.

Одлична аналогија се изборите во 1932 година, среде друг пакет кризи. Јавноста едвај го познаваше Френклин Д. Рузвелт, кого критичарите го нарекоа аристократ без кохерентна теорија како да се стави крај на Големата депресија. Но, по четирите години на Херберт Хувер, Америка беше толку очајна за кохерентно раководство, што едвај чекаше да го поддржи ФДР и да го следи каде и да ја поведе.

Има помалку од 100 дена до денот на изборите, а многу работи би можеле да ја нарушат новата коалиција против Трамп: пречки за гласање за време на пандемијата, странско хакирање во изборни машини, републикански напори за сузбивање на гласовите, валкани трикови на трампистите и неговиот веројатно предизвик за каква било загуба на изборите.

Сепак, дури и сега, широчината на коалицијата против Трамп е извонредно сведоштво за капацитетот на Доналд Трамп да инспирира одвратност.

(Роберт Рајх, поранешен министер за труд во американската влада, е професор по јавна политика на Универзитетот на Калифорнија во Беркли)