Дон Тимчо, Дон Филков, Дон Љутков… не запираат со трошење државни пари по ресторани, вели СДСМ

„Верувале или не, во првите четири месеци од годинава, оваа власт потрошила над 30.000 евра во скапите скопски ресторани. Гозби, ручеци и вечери плаќале речиси сите министри, а сметките кои се достапни на ‘Отворени финансии’ се вчудоневидувачки. Одредени исплати се во вредност и по 3.000 евра“, објави денес на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа рече дека денеска, на 1 Мај, кога работниците протестираат за поголеми плати, а власта е против тоа, министрите од ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат како елита и трошат илјадници евра по луксузни ресторани, а им објаснува на работниците дека 400 евра месечно им се доволни за живот.
„Главни кафеанџии според овие сметки, кои ги доставуваме до јавноста, се Дон Тимчо Муцунски, Дон Филков, сите трошаат како мафијаши, во време кога имаме најниски плати во регионот.
Дури и министерот за култура Љутков бил Дон, кој не беше кадарен да исплати плати на вработените во културата – но плаќа баснословни суми по кафеани! Културните работници да знаат дека додека тиенемаа плати, барем министерот не бил гладен“, рече Кузеска.
Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ денес не е партија на народот. „Тоа е затворен круг на луѓе што уживаат додека народот се бори. Тие се изгубени во луксуз, без чувство, без срам, без контакт со реалноста. Приватни авиони, скапи ручеци, набавки на папаја и манго – ова веќе ги поминува сите граници. Оваа власт е симбол на елитизам, ароганција и тотално отуѓување. Немаат врска со народот. Немаат совест. И очигледно, немаат намера да запрат“, нагласи Кузеска.
Овие информации први ги објавија вчера новинарите на „Инфомакс“ користејќи ги информациите од „Отворени финансии“ и најголемиот дел од трошењеата се во еден ист ресторан. Што е најиндикативно, сметките за ручеците се особено големи веднаш по трагедијата во Кочани на 16 март, во деновите на жалост.
По оваа прес-конференција реагираа од Владата велејќи дека тоа биле „лажни и манипулативни наводи на СДСМ“.
Тоа не биле трошоци за ручеци на министрите туку „трошоци за бифињата кои функционираат во рамките на министерствата, кои ги користат и плаќаат и вработените кои плаќаат за услугите. Во времето на СДСМ оператор на ваквите услуги беше фамозната струмичка компанија ‘Концепт’. Тоа не се трошоци на министерот Љутков, ниту министерот Муцунски или друг владин министер“.
Од Владата „апелираат со голема претпазливост да се земат лажните вести продуцирани од партијата позната по дезинформирањето“.