Доматите 70 денари, кромидот 60 денари… еве ги највисоките дозволени цени за 11 производи

Лимитирани се цените на 11 производи, кои ќе почнат да се применуваат од задутре, па се до крајот на април. Овие цени важат за сите, како за маркетите, така и за пазарите


Од среда, петти овој месец 11 земјоделски производи па до крајот на април, ќе имаат највисоки лимитирани цени по кои ќе може да се продаваат, најави денес на прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

Така, свежите домати нема да може да се продаваат по цена повисока од 70 денари за килограм, свежите краставици ќе може да се продаваат најмногу 70 денари за килограм, цената на кромидот најмногу 60 денари, карфиолот најмногу 70 денари, зелените пиперки најмногу  90 денари, гравот најмногу  75 денари, леќата не повеќе од 110 денари, бананите најмногу 70 денари, портокалите најмногу 55 денари, мандарините најмногу 60 денари ,а лимоните не повеќе од 55 денари за килограм

„Сакам да ги уверам граѓаните дека согласно сите информации на Министерството за економија согласно сите анализи, цените на сите производи посебно на енергентите се целосно стабилизирани и имаме надолен тренд, споредбено со претходните месеци, како и со претходната година, но секако ќе ги почекаме податоците на Државниот завод за статистика, кои ќе бидат објавени на 7 април.

Бектеши рече дека маржите на овие производи достигнувале и од 200 до 250 отсто во текот на март. Тој исто така посочи дека на табелата се гледаат и просечните увозни цени, по кои овие производи биле набавувани, како и други важни податоци кои влијаеле на владината одлука.

Тој истакна дека со новите замрзнати цени, производителите и трговците нема да имаат загуби.

Овие цени важат за сите, како за маркетите, така и за пазарите, посочи Бектеши.

Тој посочи дека оваа одлука е донесена врз основа на анализа направена во соработка со министерството за земјоделство, Царинската управа.

Тој рече дека табелата која ја изработи Министерството за економија може во детали да се види колку биле просечните увозни цени на овие 11 производи од 15 до 28 март, која била најзастапена цена во малопродажба до 21 март и симулации кои се направени со маржи од 20, 30 и 40 отсто од цената која била увезена.

Дополнително на тоа, имајќи во предвид дека сме разговарале со сите производители на овошје и зеленчук во нашата држава како и со сите трговци на овие производи генерално овие производи имаат кало или растур од 10 до 30 отсто во зависност од производот и затоа одлучивме да одиме со највисоките цени кои се малку повисоко од оние со маржа од 40 отсто.

„Разговаравме и во делот на намалување на царините. Сите увозни цени се калкулирани со вградена царина, затоа не стои образложението дека се плаќаат  зарини од 30 или 40 отсто па затоа цените се зголемени. Не е вкалкулирано само ДДВ-то од пет отсто“, рече Бектеши повикувајќи ги сите трговци на овошје и зеленчук целосно да ја почитуваат одлуката.

„Очекуваме од крајот на април и во почетокот на мај откако ќе почнат да се пласираат нашите домашни производи на овошје и на зеленчук, дополнително да има зголемување на конкуренцијата која ќе влијае и на намалување на цените. Убедени сме дека во април ќе има едно од најголемите намалување на цените генерално во државата, а посебно на храната и на енергентите“, рече Бектеши.

Казните за непочитување на одлуката се од 800 до 10 илјади евра зависно од големината на субјектот.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски истакна дека од донесувањето на првата Одлука која се однесува на ограничување на маржата од 5-10 отсто заклучно со последната Одлука, извршени се над 1.800 надзори и издадени се над 20 прекршочни платни налози во вредност од над 2,5 милиони денари.

„Пaзарниот инспекторат постапува по сите одлуки на владата кои се однесуваат на цените на производите, а тоа значи дека и понатаму ќе работиме со полн капацитет и сите инспектори ќе бидат на терен на цела Република Северна Македонија“, рече Трајковски.

Тој додаде дека имињата на фирмите кои до сега ги прекршиле одлуките за замрзнување на цените ќе бидат објавени по завршување на постапката.

„Констатирани се неправилности, доставени се прекршочни платни налози кои треба да се платат во рок од осум дена, но не се платени се уште и затоа е поведена прекршочна постапка пред надлежен суд“, рече Трајковски, прецизирајќи дека има 20 прекршочни постапки, како и дека непочитување на одлуките имало во Кичево, во Охрид, Битола…

Одговарајќи на новинарско прашање како ќе се контролираат зелените пазари имајќи предвид дека немаат фискални сметки, Трајковски рече дека ДЗР ќе настапи координирано и со другите институции како што се УЈП и МВР и заеднички ќе ги вршат надзорите и на пазарите.

Бектеши објасни и зошто мерката важи 25 дена.

„Во моментов заради тоа што немаме наше домашно производство речиси целосно сме зависни од увозот, посебно од Грција и од Албанија за повеќето од производите и секако не треба да оставиме простор да има такви маржи. Од крајот на април и во почетокот на мај ќе почнат да се пласираат и наши домашни производи“, рече Бектеши.