Домашни автори и илустратори во фокус на 7. „Литера“


Од утре, 23 април, уникатниот амбиент на Сули ан во Старата скопска чаршија повторно се претвора во сцена на уметност, инспирација и детска имагинација. Почнува седмото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, кој оваа година го става фокусот на домашната уметност – автори и илустратори што оставаат силен белег во современата детска литература.

Фестивалот се отвора утре (23 април) во 19:30 часот со две изложби – ретроспективна поставка со илустрации на доајенот на македонската илустрација Ордан Манески и изложба на три авторки што внесуваат свеж визуелен и наративен израз: Иванка Ниба, Анастасија Јованова и Софија Семенпеева.

Изложбите ќе бидат поставени на самиот почеток на фестивалот, и ќе траат до 30 април.

Иванка Ниба, со две децении искуство како графички дизајнер и активна илустраторка од 2018 година, се претставува со дело издадено од издавачката куќа „Светулка“, а промоцијата на новата сликовница „Црното Маче“ од авторот Неше Рамовиќ и илустраторот Наталиа Лукомска ќе се одржи на последниот фестивалски ден (25 април) во 18:00.

Анастасија Јованова, дипломиран графичар и графички дизајнер, преку своите илустрации истражува современи уметнички пристапи за деца, а промоцијата на сликовницата „Сакам силно да ме гушнеш“, од авторката Катерина Димова ќе се одржи во четврток (24 април) со почеток од 18:00.

Софија Семенпеева, е основач и креативна директорка на агенцијата Ефектива. Во своето професионално работење ги испреплетува уметноста, визуелната комуникација и маркетингот. Зад себе има шест самостојни изложби и значајни меѓународни награди. Илустрацијата е дел од нејзиниот творечки опус уште од студентските денови. Софија е иницијаторка и дел од тимот што го организира фестивалот Литера, а во рамки на фестивалот ќе одржи работилници за илустрација.

Фестивалот е бесплатен и отворен за сите љубители на детската литература и илустрација. Покровител на настанот е Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.