„Должничка листа“ – само пет државни фирми должат над 300 милиони евра
Со доспеани, а неплатени обврски во износ од 77,5 милиони евра, здравството е еден од најзадолжените сектори
По државните фирми и јавните претпријатија на локално и на централно ниво, здравството е еден од најзадолжените сектори во државата, со долг повисок од 77 милиони евра. Над 300 милиони евра, пак, должат само пет државни фирми и тоа од два сектора – енергетика и железница, пишува Порталб.мк. Од ЈП формирани на локално ниво, најголем доспеан, а неплатен долг во износ од 17 милиони евра има ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Долгови на здравството
Со доспеани, а неплатени обврски во износ од 77,5 милиони евра, здравството е еден од најзадолжените сектори. На високото шесто место на новата листа на Министерството за финансии, со долг од 27,3 милиони евра е Заедничката служба за потребите на здравство, која со години кумулира милионски суми на доспеани, а неплатени обврски. Преку оваа институција се спроведуваат набавките за јавните здравствени установи, ургентниот центар, клиниките.
Во првите десет најзадолжени е и Клиниката за радиотерапија и онкологија, со долг од 12,3 милиони евра. Клиниката за торакална и васкуларна хирургија пријавила доспеан долг од 4,6 милиони евра, а Клиниката за трауматологија 4 милиони евра. Долговите на Институтот за трансфузиологија на крајот од третиот квартал изнесувале скоро 3,7 милиони евра, а на Клиниката за гинекологија речиси 3,6 милиони евра. Долг повисок од 3 милиони евра пријавиле и Клиниката „Св. Наум Охридски – Скопје “ и Клиниката за хематологија.
Најзадолжени – државните енергетски и железнички компании
Првите пет места на новата должничка листа се “резервирани“ за државните енергетски и железнички компании.
Со долг од 88,3 милиони евра е државното АД Номагас. Зад него, со доспеани, а неплатени обврски во износ од 71,9 милиони евра е ЕСМ – производство. Следуваат двете железнички компании – МЖ Транспорт со долг од 69,7 милиони евра и МЖ Инфраструктура со долг од 49,7 милиони евра, додека на петто место е ЕСМ – дистрибуција на топлинска енергија, со долг од скоро 34,7 милиони евра.
Од ЈП формирани на локално ниво, најголем доспеан, а неплатен долг во износ од 17 милиони евра има ЈП „Водовод и канализација “ – Скопје, кое е под ингеренции на Град Скопје. Од локалните комунални ЈП, на 12-то месо со долг од 9,2 милиони евра е ЈП Водовод Куманово со Ц.О.Куманово, на 18-то место со долг во износ од 5,9 милиони евра е ЈП Водовод Охрид, по што следува ЈКП Водовод Тетово со доспеани, а неплатени обврски од 5,7 милион евра, додека 5,1 милион евра должи ЈКП Тетово.
Од државните фирми и Јавни претпријатија формирани од централната власт, а кои имаа поголем број на вработени, освен оние во првата „петорка“, со милионски долгови се ЈП за државни патишта со доспеани, а неплатени обврски во износ од скоро 16,1 милион евра, ЕСМ производство на топлина со долг од 8,3 милиони евра, АД Водостопанство со обврски од 7,2 милиони евра и ЈП МРТ со доспеани долгови во износ од 6,9 милиони евра.
Од општините, во првите 20 најзадолжени се Општина Тетово, рангирана на десетто место и Општина Гостивар на единаесетто место – и двeте со пријавени доспеани, а неплатени обврски во износ од 10,6 милиони евра. На 15-то место со доспеан долг од 7 милиони евра е Град Скопје.
Вкупниот внатрешен долг на крајот на третиот квартал изнесувал 660,1 милион евра. (Мета)