Документите дигитално ќе можат да се вадат и во Општина Аеродром


 

Во Трговскиот центар „Бисер“ во скопската Oпштина Аеродром е отворен Центар за услуги на граѓаните, за да се избегне доаѓањето во централата во Скопје. Таму отсега ќе може да се извадат документи како: уверение за државјанство, уверение за податоци за стажот на осигурување, образец М1 или М2 од пријава или одјава во задолжително социјално осигурување, историјат на работни односи, потврда дека не е изречена прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност, податоци на физички лица од кредитниот регистар.

Канцеларијата за услуги ќе биде отворена секој работен ден од 8 до 16 часот, a вработените ќе им помагаат на граѓаните да ги добијат услугите.

Според министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, со работата на канцеларијата ќе им се олесни секојдневното функционирање на граѓаните, кои во непосредна близина на нивните домови ќе можат да ги вадат потребните документи што вообичаено се вадат во Фондот за здравство, Централниот регистар, Катастарот, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување и многу други институции кои што се приклучени на националниот портал uslugi.gov.mk.