Документацијата од СВП предадена на Државниот архив


Целокупната документација на најстарата поетска манифестација во земјава „Струшки вечери на поезијата“, е предадена во Државниот историски архив. Вредните документи од 1963 до 1990 година, како дел од историјата на земјава, ќе бидат соодветно чувани за идните генерации, објави МРТ на својата веб страница.

Фотографии, документи, прес клипинзи од југословенскиот печат од шеесетите до деведесеттите години, голем дел рачни ракописи од поети ширум светот, кои гостувале на поетската манифестација ќе бидат архивирани и соодветно чувани за идните генерации како дел од историјата на земјава.

Во документацијата има и аудио и видео записи на касети и микрофилмови.

„Тоа значи огромен чекор не само за охридскиот архив и за самата манифестација. Успеавме да ги преземеме овие докуемнти и тие понатаму ќе бидат достапни за идните поколенија како еден вид сведоштво за оваа манифестација и врз основа нив нормално ќе се пишуваат научни трудови“, вели Никoла Митровиќ, директор на Охридскиот архив.

Целиот фонд на документи ќе оди на ре-обработка согласно архивските стандарди, а потоа ќе има публикации достапни за научната фела, која што ќе биде заинтересирана да го проучува фестивалот.

„Од страна на Државниот архив преземени се 54 архивски кутии со вреден архивски материјал, меѓу кои исто така има фотографии, касети, магнетни ленти како и струшките вечери на поезијата низ печатот“, вели Никола Савиќ, архивар.

Струшките вечери на поезијата е единствена меѓународна манифестација од ваков вид, се смета за мост меѓу литературните меридијани на светот. Целокупната документација од Меѓународниот фестивал од 1963 година до 1990 година, каде свој белег оставиле стотици еминентни поети од сите страни на светот, од денес соодветно ќе се чува во државниот архив.