Докторските дуели – рендген за партиите
Додека поголемиот дел од земјава в недела ќе ја гледа претседателската трка, во Охрид, Ново Село и во Дебар ќе има и локален натпревар. Вкупно девет кандидати ќе се борат за трите градоначалнички функции што останаа празни по прераната смрт на првите луѓе во Охрид и во Дебар, односно криминалниот бекграунд на довчерашниот општински татко на Ново Село. За локални избори не е предвиден цензус, победник во првиот круг ќе биде оној што ќе добие најмалку педесет отсто, плус еден глас од оние што излегле да гласаат, така што не би било изненадување уште во недела вечер да ги дознаеме имињата на новите градоначалници на трите општини. Во спротивно, ќе има и втор круг на гласање на 5 мај.
Решавање на инфраструктурните проблеми, расчистување на градежната мафија, ставањето крај на коруптивноста во администрацијата, водовод, спортски игралишта… Мандатот на новите градоначалници ќе трае само две години, односно до 2021 година кога во државата ќе има редовни локални избори, но тоа не ги спречува кандидатите да имаат подолга листа на ветувања. Како редовен фолклор се обвинувањата кон политичкиот противник, при што главно се пука и кон водствата на партиите, а не само лично кон противкандидатот.
Сепак, колку и да изгледаат вообичаени, овие локални избори се исклучителнo важни за да се долови моменталното расположение кај граѓаните во однос на политиката на власта и на опозицијата. Иако, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и албанските партии, преку своите кандидати за претседател на државата ќе бидат ставени на тест, сепак, и Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова и Блерим Река се претставуваат како натпартиски, па со тоа партиите имаат обезбедено алиби, додека во трите општини ќе се натпреваруваат строго партиски кадри.
Петмина кандидати за Охрид
Охрид е местото од каде што почнува секоја кампања на ВМРО-ДПМНЕ, а завршува на СДСМ. Вкупно петмина кандидати ќе се натпреваруваат за градоначалник. СДСМ, која ќе ја има поддршката од ДУИ, ќе истрча со д-р Константин Георгиевски. По смртта на Јован Стојаноски, тој беше в.д. градоначалник на Охрид. Нему ќе му се спротивстави уште еден доктор – Митре Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, а покрај нив, за гласови ќе се борат Стевче Стевоски од Демократи, Нихаил Трендафилов од ГДУ и Џемал Мена од Беса.
Во моментов, Советот на општина Охрид брои 23 члена, од кои 11 се од СДСМ, 10 од ВМРО-ДПМНЕ, а двајца од ДУИ. На изборите во октомври 2017 година, за кандидатот на Стојаноски од СДСМ гласаа 18.262 избирачи, Митко Тилевски од ВМРО-ДПМНЕ го поддржаа 13.560 гласачи, а независниот Стевче Стевовски – 679 охриѓани. Стојаноски победи во првиот круг со добиени 54.07 отсто од гласовите. Кога е во прашање советничката листа, за СДСМ гласаа 15.198 гласачи, за ВМРО-ДПМНЕ – 12.871, за коалицијата меѓу ДУИ, Беса и Алијансата – 2.643 охриѓани, за ДПА – 323, а групата избирачи Љупчо Настоски – 1.180 гласачи.
Од овие бројки може да се види дека градоначалникот на СДСМ бил поддржан и од албанските гласачи. Но, сега, според политиката на централно ниво, сопартијците на Зоран Заев ќе може да сметаат на гласови од сопартијците на Али Ахмети, но не и од оние на Зијадин Села или Билал Касами.
Опозициска коалиција во Дебар
Како ќе се постават гласачите на Алијансата за Албанците и на Беса, односно дали на сила ќе стапи „тајната“ коалиција со ВМРО-ДПМНЕ е прашање што важи и за Дебар. Таму, на пример, ќе следиме директен дуел меѓу уште еден пар доктори: Хекуран Дука од ДУИ и Арбен Аголи од Алијансата, поддржан и од Беса. Дука, кој ја извршува градоначалничката функција по смртта на Ружди Љата, ќе добие помош и од социјалдемократските гласачи, додека ВМРО-ДПМНЕ првпат одлучи да нема свој кандидат. Иако не е јавно обелоденета коалиција меѓу Мицкоски, Села и Касами, нивните партии на локално ниво во Дебар функционираат заедно уште од декември лани кога се обидоа и успеаја да направат превласт во Советот. Траеше помалку од еден месец, затоа што ДУИ и СДСМ го вратија пребегнатиот советник, но соработката меѓу македонските и албанските опозициски партии отвори простор за шпекулации дали таа ќе се пренесе и во вториот круг од претседателските избори?
Пред година и половина, Ружди Љата освои 3.419 гласа, Арбен Аголи – 2.597, Драган Клопчевски од ВМРО – 685, а Џемаил Чупи од Беса имаше поддршка од 1.271 гласач. Доколку се задржи истиот сооднос и во недела, ќе излезе дека опозицијата е во голема предност, но имајќи предвид дека ДУИ нема свој кандидат за претседател, целокупната енергија на Ахмети и неговиот тим е насочена кон Дебар, така што се очекува интересен изборен ден.
Правник и стопанственик за Ново Село
За испразнетото градоначалничко место во Ново Село по оставката на Боро Стојчев, кој беше осуден на затворска казна поради обид за шверц на цигари, се кандидираа Никола Андонов од СДСМ и Николчо Стоилков од ВМРО-ДПМНЕ. Андонов е стопанственик од Колешино, а функцијата градоначалник на Ново Село ја извршуваше во периодот од 2005 до 2009 година. Стоилков, пак, е актуелен претседател на месниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, дипломиран правник, равниот факултет при УКИМ, вработен е во Царинската управа. На минатите избори, Стојчев освои 3.005 гласа, Блажо Велков од ВМРО – 2.467, а за Драган Трајков од Народното движење за Македонија гласаа 137 граѓани. Во трката за советници победи СДСМ со 2.982 гласа, наспроти 2.626 за ВМРО-ДПМНЕ.
На локалните избори од 2017 година, СДСМ оствари убедлив триумф и доби градоначалнички места во 57 општина со вкупно 415.726 гласа, ВМРО-ДПМНЕ доживеа дебакл со само пет градоначалнички места и 335.054 гласа, ДУИ доби околу 90.000 гласа и десет градоначалници, за Алијансата гласаа 48.767 граѓани (тројца градоначалници), Беса имаше 46.464 гласа (еден градоначалник), а по еден градоначалник беше изгласан и од редовите на ДПА и ДПТ. Уште тројца независни кандидати стигнаа први до целта.
Горан Адамовски