Доктори од „Козле“ се заканија со откази ако не се смени директорката
Докторите наведуваат сериозни проблеми во управувањето со клиниката од страна на актуелната директорка, Каролина Симоновска. Тие ја обвинуваат директорката за нестручно раководење и сериозни пропусти кои ја доведоа клиниката до крајна деградација, особено во областа на бронхоскопијата. Се вели дека, по нејзиното назначување за директор, бројот на извршени бронхоскопии паднал од 67 во 2023 година на само три во текот на 2024 година, што се смета за директно уништување на важна медицинска дејност која е клучна за лечење на децата.
„Континуирано се служи со обвинувања на колеги за неспособност за организација и за несовесно работење, а одлуките ги донесува без консултација со лекарскиот колегиум,“ се вели во писмото. Дополнително, тие ја обвинуваат директорката за мобинг и психолошки притисок врз персоналот, што предизвикало несигурност и нарушување на нормалните услови за работа.
Докторите изразуваат протест и бараат итно разрешување на директорката, велејќи дека ако ситуацијата не се промени, се подготвени да го прекинат работењето, дури и да стапат на штрајк или да поднесат откази. Тие апелираат за назначување нов директор кој ќе биде поддржан од лекарскиот колегиум и кој ќе може да ја врати болницата на патот на успехот.
„Покажете доблест и назначете директор кој ќе биде поддржан од лекарскиот колегиум. Таквиот чин многукратно ќе Ве награди“, се заклучува во писмото.