Доктор, пензионер, професор, осигурителен агент и евангелиски проповедник во битката за градоначалник на Штип


На 13 декември годинава граѓаните на Општина Штип ќе избираат нов градоначалник. Бидејќи изборите се вонредни, новиот „татко“ на градот ќе има мандат од неполни десет месеци, односно се до месец октомври идната година кога во нашата држава ќе бидат организирани редовни избори за нови локални власти.

Вонредните изборите во Штип се резултат на фактот што поранешниот градоначалник Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски, а него го замени Јане Миланов, дотогашен претседател на Советот на општината, прво како заменик, а потоа и како в.д.градоначалник.

Изборната битка за новиот штипски градоначалник ќе ја бијат петмина кандидати. Тоа е големо изненадување бидејќи се ценеше дека кандидатурата може да се сведе на максимум една до две личности, посебно по одлуката на раководството на ВМРО ДПМНЕ да не учествуваат во овој изборен процес со појаснување дека во услови на пандемија не е упатно да се оди на избори и со тоа да се загрози здравјето на луѓето.

Но, има и други мислења во градот под Исарот, а тие мислења  се дека опозициската партија се откажала од трката откако и нејзиното испитување на јавното мислење  во Штип им покажало дека не можат да победат во оваа трка.

Се очекуваше дека свој кандидат за градоначалник на регионалниот центар на источниот регион ќе има и партијата Левица, посебно после успехот на парламентарните избори кога во третата изборна единица се избори за едно пратеничко место (Борислав Крмов), но и од оваа партија процениле дека шансите им се мали и дека сега не е време за ваков политички натпревар, па „таа работа“ ја оставиле за во некоја блиска иднина. Во градот се говореше дека нивен кандидат требало да биде познат професор од штипскиот Универзитет.

Затоа пак некои помали партии и коалиции, како и еден независен кандидат, одлучија да си ги одмерат силите и капацитетите во изборот за градоначалник на Штип, со што вкупниот број на учесници се заокружи на петмина, што ќе биде најголема политичка понуда на било кои локални избори во Штип..

Тоа значи дека на 13 декември 41.777 штипјани со право на глас ќе можат да избираат градоначалник од следнава понуда: д-р Сашко Николов, интервентен кардиолог, кандидат на СДСМ и коалицијата, Трајчо Митев, рударски инженер во пензија, независен кандидат кој по вторпат се осмели за независна кандидатура во трката за првата градска фотеља, Симон Поликарп-Џими, кандидат на партијата Интегра, роден во Нигерија а во Македонија дојден 1977 година, евангелиски проповедник и хуманитарец, Лазар Наумов, кандидиран од партијата ТМРО, порфесор по пијано, вработен во АД Осигурителна полиса и Гоце Ангелов, со завршен факултет за образовни науки кој работи како виш инспектор во СВР Штип.

Најголеми шанси за победа му се даваат на кандидатот на СДСМ Сашко Николов, посебно поради отсуството од изборната трка на вечниот конкурент ВМРО ДПМНЕ. Но, како и во секој друг натпревар и тука се можни изненадувања, а во градот се говори дека тоа изненадување може да биде Симон Поликарп-Џими зашто иако зад него стои партијата Интегра, неговата кандидатура била договорена помеѓу оваа партија и ВМРО ДПМНЕ.

Предвидувањата се дека и покрај пандемијата, со почитување на ситте здравствени мерки на изборите во Штип ќе излезат доволен број гласачи за изборот да биде успешен. За успешен избор потребно е излезност на  една третина од запишаните избирачи, што во штипскиот случај значи излезност на 13.926 избирачи. Општите проценки во градот се дека изборите ќе бидат успешни, дури се цени дека Штип на овие избори нема да оди во втор круг и дека еден од кандидатите ќе ги освои неопходните 6.964 гласа и пред Нова година да седне во највлијателната градска фотеља. (Н.В.)