Доктор одбил преглед на трасродова пациентка: Секоја шуплина не е вагина
Француски лекар стана повод за протести низ Европа бидејќи и признал на транс родова пациентка дека нема обука или знаење да лекува пациенти како неа.
„Јас лекувам само вистински жени“ – и вака рекол францускиот гинеколог Виктор Ахаријан на 26-годишната трансродова жена која неодамна одбил да ја лекува во неговата клиника во југозападниот дел на земјата.
Трансродовата жена во придружба на нејзиното момче отишла на гинеколошки преглед кога по неколку минути чекање секретарката и кажала дека докторот одбил да ја види.
„Јас ѝ реков дека не сум компетентен, но можам да ја упатам. Можам да ја упатам до служби кои можат подобро да се грижат за неа. Но, откако го кажав тоа, работите тргнаа на лошо“, изјави гинекологот Виктор Ахаријан за „Еуроњуз“.
„Мислев дека сум искрен кога реков дека тоа не е моја специјалност. Не знам како да се однесувам со нив и не ми пречи да ме нарекуваат неук“, додаде тој.
„Ти си трансфобичен!“ – младата жена наводно викала додека излегувала од консултантската соба. Според зборовите на гинекологот, пациентката почнала да ја навредува неговата секретарка, реагирајќи бурно на одбивањето.
Партнерот на жената, кој бил во шок, оставил коментар за клиниката на Google, жалејќи се за тоа што се случило. Докторот одговорил со порака упатена до еден „господин“, посочувајќи дека лекува„вистински жени“.Тој се правдаше дека „нема знаење да третира мажи без оглед што си ја избричиле брадата и дошле да и кажат на секретарката дека станале жени“. Тој, исто така, побарал од пациентката да си даде право да ги извести другите трансродови луѓе дека не се добредојдени во неговата клиника.
„Реагирав спонтано, од лутина и почувствував дека сум неправедно нападнат. Реагирав со многу несмасни зборови кои можеби навредуваа. Добро сум свесен за тоа, во неколку наврати го изразив моето жалење“, рече докторот.
„Сега ситуацијата излезе од контрола, но проблемот останува – на овие луѓе им е потребна медицинска помош“, додаде тој.
Организациите за правата на трансродовите од цела Европа излегоа во одбрана на пациентот.
„Брутално е да се негира правото на здравје, тоа е универзално право што го имаат сите граѓани“, изјави за „Еуроњуз“ Мар Камброле, претседател на Федерацијата за транс платформа во Шпанија.
„Секоја шуплина не е вагина“
Иако гинекологијата сè уште е поврзана со специјализирана нега за жените, тоа веќе не е толку едноставно. Лекарите тврдат дека недостатокот на знаење им го отежнува лекувањето на трансродовите лица, а 50% од трансродовите луѓе ги откажуваат или одложуваат лекарските прегледи за да избегнат дискриминација, се вели во најновиот извештај објавен од Докторите на светот во соработка со Шпанската федерација на лезбејки, хомосексуалци, транссексуалци и бисексуалци.
„Само затоа што е шуплина не значи дека е класична вагина“, објаснува Ахаријан, признавајќи го своето недоволно знаење за трансродовите пациенти. Докторот тврди дека оваа личност била првата трансродова жена што ја видел во триесетгодишното работење. Предизвикот за медицината е да најде нови начини за справување со променливите општествени норми, бидејќи трансродовите луѓе сè уште се недоволно застапени во медицинските наставни програми – но приказната се менува.
Од септември 2021 година, конгломерат од три француски универзитети почна да обезбедува обука за транс здравствена заштита. Целта е медицинските работници да развијат разбирање за здравствената заштита на трансродовите лица.
Беатрис Денаес, копретседател на здружението Trans-Santé France, истакна во еден француски медицински весник дека лекарите кои се „компетентни, грижливи и подготвени“ да лекуваат транс лица се сè уште ретки и дека таа добива „многу пораки од очајни трансродови луѓе“.
Ахаријан го повтори очајот што заедницата може да го почувствува – наведувајќи дека недостатокот на следење од страна на медицинскиот установа може да остави некои трансродови луѓе „сами да талкаат по здравствена заштита“.
Лекарите кои се „компетентни, грижливи и спремни“ да лекуваат транс лица сè уште се ретки, велат организациите. Сето ова се случува во време кога бројот на барања за родова транзиција е во пораст. Во 2020 година во Франција околу 3.300 лица беа препознаени од шемата за здравствено осигурување дека имаат долгорочна состојба на „родова дисфорија“, десет пати повеќе отколку во 2013 година, според извештајот доставен во јануари 2022 година до Министерството за здравство на Франција.
„Како што доаѓаат се повеќе трансродови пациенти, одговорност на здравствените власти во земјата е да бидат свесни за ова и да ги земат предвид за да можат да се справат со овој проблем“, вели Пернил Равн, член на Европското друштво за гинекологија и гинеколог во Универзитетската болница Оденсе во Данска.
„Нема препорака трансродовата жена да прави редовни гинеколошки прегледи, освен ако има хируршки проблем поврзан со операцијата, бидејќи нема матка или грло на матката“, додаде таа.
Сепак, Равн рече дека трансродовите жени може да имаат проблеми поврзани со нивната операција за кои е потребен некој вид гинеколошка проценка, па затоа е важно да има специјалисти со знаење во оваа област.
Сите извештаи сугерираат дека здравствените работници еден ден ќе мора да лекуваат трансродови лица. Без соодветна обука, овие професионалци „се соочуваат со ризик да усвојат несоодветни ставови кои не се нужно трансфобични во намерата – но ги имаат истите негативни ефекти“.(Еуроњуз)