Дојде ВМРО-ДПМНЕ, медиумската слобода почна да паѓа, реагира СДСМ

„За прв пат после 8 години Македонија бележи пад од 6 места на Индексот за слобода на медиумите за 2025 година, објавен од ‘Репортери без граници’. После осум години постојан напредок под водство на владите на СДСМ ваков драстичен пад се случува за прв пат
Од 118. место во 2016 година, со СДСМ Македонија напредуваше до 36. место, на најдобро место во регионот, благодарение на посветените политики за слобода на говорот, транспарентност и независност на медиумите“, изјави на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според неа, „ДПМНЕ се врати – слободата на медиумите замина. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, слободата на медиумите се гуши, новинарите се под притисок, а медиумскиот простор се стеснува. Денес тоа повторно се случува.
‘Репортери без граници’ алармираат дека новинарите се изложени на закани и напади, а владините функционери покажуваат понижувачки ставови кон медиумските работници.
Ова е јасен аларм за загрижувачката насока во која оди државата под власта на ДПМНЕ.
Слободата на медиумите е темел на секое демократско општество и не смее да биде жртва на партиските апетити и авторитарните амбиции на ДПМНЕ“, рече Кузеска.
Со реакција се јави и Левица. Во нејзиното соопштение се нагласува:
„Во индексот на ‘Репортери без граници’ се наведува дека ‘владините функционери имаат тенденција на лоши и понижувачки ставови кон новинарите’, како и работа на новинарите во лошо и непријателско опкружување. Состојба, која потсетува на односот на државата кон медиумите од времето на груевизмот, кога државата беше најлошо рангирана на овој индекс помеѓу европските земји.
Како сериозен удар врз објективното новинарство е наведен законот со којшто ‘повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во медиумите во приватна сопственост, ја зголеми загриженоста за можното поврзано ширење на влијание’.
Доведувањето во ваква положба на медиумите е алатка на ВМРО-ДПМНЕ преку која обезбедува загушување на секоја критика кон нивното режимско владеење“, се вели во соопштението од Левица.