Дојави за бомби и во основни училишта во Скопје, родителите и децата во паника

По многуте дојави за поставени бомби во средни училишта во Скопје, утрово, такви дојави почнаа да пристигнуваат и во основни училишта


 

Во oсновното училиште „Александар Македонски“ утрово има дојава за бомба, а иста закана е примена и во „Лазо Ангеловски“, како и во „Блаже Конески“, „Љубен Лапе“, “Ѓорѓија Пулевски“ на територија на Општина Аеродром, како и „Киро Глигоров“ во Центар. 

По многуте дојави за поставени бомби во средни училишта во Скопје, утрово такви дојави почнаа да пристигнуваат и во основни училиштa. Сепак, не изостанаа и дојавите за средните училишта. Така, како што јавуваат вработени, дојава за бомба има и во средното „Владо Тасевски“.

– Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите – информираа од МВР.

Периодов повеќе основни училишта организираа вежби за евакуација од пожар и земјотрес, во соработка со Црвениот крст и противпожарната служба. Учениците и вработените се истренирани, но да се надеваме дека оваа вистинска закана нема да предизвика паника кај сите нив. 

Полицијата е на терен, се пребаруваат просториите, а подоцна ќе излезат со официјално соопштение.

Родителите на основците се загрижени. Преку социјалните мрежи и вибер-групите прашуваат каде се децата и каде можат да ги земат. Дали ќе има втора смена? Наставниците, но и од Советот на родители се информираат дека децата ќе ги напуштат училишните простории, а втора смена денеска нема да има. 

Дојава за поставена бомба и во кумановското ОУ „Браќа Миладиновци“

Дојава за поставена бомба утрово има и во кумановското Основно училиште „Браќа Миладиновци“, потврдија денеска надлежните од училиштето и од Советот на родители.

– Екипите на СВР Куманово се на терен, учениците и наставниците безбедно се евакуирани, изјави за МИА директорката на училиштето Јасмина Спасовска. 

Утрово околу 09.00 часот во СВР Куманово било пријавено дека на електронските адреси на училишта во Куманово и кумановско е упатена закана за поставена експлозивна направа, соопшти кумановската полиција.

Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.

Дел од некои училишта ги пуштиле учениците дома.