Дојава за бомби во пет скопски средни училишта, учениците евакуирани
Евакуирани се училиштата, а во тек се антитерористички проверки, за да се утврди дали дојавата е лажна

Во пет скопски училишта денеска е примена дојава за бомба!
Денеска во СВР Скопје е пријавено дека на меил адреса на пет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористичкки проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР за „Независен“.

Според неофицијални информации, во една скопска гимназија, директорот ги известил сите одделенија кои се втора смена, да не доаѓаат во училиште, додека учениците од прва смена се евакуирани.
И портпаролот на Владата Душко Арсовски, прашан за дополнителни информации за заканата, рече дека полицијата презема мерки и безбедно се евакуирани петте скопски училишта.
Од полицијата не прецизираат дали се работи само за средни училишта, кои добиле закана за поставена бомба, или има и основни училишта.

Но, според извори на МИА едно од училиштата е „Раде Јовчевски – Корчагин“, потоа „Орце Николов“, а неофицијално станува збор и за гимназиите, „Никола Карев“ и „Јосип Броз Тито“, како и АСУЦ „Боро Петрушевски“. Во „Корчагин“ учениците биле евакуирани на крајот од првата смена.