Дојава за бомба на скопскиот аеродром – откажани сите летови

Меѓу објектите се скопскиот аеродром, ТЦ „Ист гејт“, ФФМ, хотелот „Александар Палас“ и СЦ „Борис Трајковски“


Фото: Б. Грданоски

Сите летови се откажани поради дојава за поставена експлозивна направа на скопскиот аеродром. Во тек е итна евакуација на вработени и патници.

– Дo сега во СВР Скопје и СВР Битола било пријавено дека на електронските адреси на десет училишта во Скопје и пет во Битола, како и во Фудбалската федерација на Македонија, хотел „Александар Палас“, хотел „Мериот“, трговски центар „Ист Гејт“, спортска сала „Борис Трајковски“ и Меѓународен Аеродром Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите – велат од МВР.

Претходно објавивме дека, меѓу објектите под закана се скопскиот аеродром, ТЦ „Ист гејт“, ФФМ, хотелот „Александар Палас“ и СЦ „Борис Трајковски“. Најверојатно, ваква дојава примиле и во хотелот „Мериот“ на плоштадот „Македонија“, а пред објектот има полициско возило.

Некои медиуми јавуваат дека закана за поставена бомба има и за стадионот „Тодор Проески“, но и за клубовите Вардар и Работнички. Ова е првпат дојави за поставени бомби во спортски објекти. 

Дополнително, дојава за бомба имало и во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“.

Во денешната серија бомби мета се и 15 училишта од кои 10 во Скопје и пет во Битола, потврди МВР.

Деновиве цел на дојави за бомби се институции, основни и средни училишта, трговски центри и станбени објекти.

Само во текот на вчерашниот ден имаше 49 дојави за поставени бомби, меѓу кои и училишта во Кавадарци.