Договорот за оданочување на мултинационалните компании може да пропадне. САД се против тоа


Договорот за оданочување на профитот на мултинационалните компании нема да биде финализиран до јуни како што е планирано, изјави италијанскиот министер за економија Џанкарло Џорџети во пресрет на финансискиот самит на Г7.

САД, Индија и Кина против
Соединетите Американски Држави, Индија и Кина имаат одредени резерви за условите на договорот, посочи Џорџети, кој претседава со самитот откако Италија го презеде претседавањето со Г7 годинава.

Глобалниот данок главно ги таргетира дигиталните гиганти со седиште во САД. Првиот столб од даночната реформа предвидува прераспределба на правото на оданочување 25 отсто од добивката на земјите каде компаниите ги продаваат своите производи и услуги, без разлика каде се физички лоцирани. Станува збор за корпоративен профит од 200 милијарди долари.

Говорејќи пред новинарите во градот Стреса, каде што се одржува самитот, Џорџети во четвртокот рече дека договорот нема да биде ратификуван од сите земји кои требаше да учествуваат во потпишувањето на мултилатералната конвенција.

Таа работа нема да се заврши, а тоа не е добро“, рече министерот. Италија минатата недела соопшти дека ќе се обиде за последен пат да ги оживее преговорите за да спречи неуспех на планираната реформа.

Првиот столб на даночната реформа ќе овозможи да се надмине спорот со САД, кои се заканија со одмазднички тарифи за европските земји како Италија, откако тие објавија или веќе усвоија дигитални даноци.

Американското министерство се закани со царини
Американското Министерство за трговија се закани со царини од 25 отсто за увоз во вредност од над две милијарди долари од Италија, Австрија, Велика Британија, Франција, Шпанија и Турција, што вклучува производи од козметика до чанти.

Италија сака да постигне договор со Вашингтон за отстранување на заканата од привремено замрзнати тарифи до јуни, а притоа да ја задржи давачката на сила, изјави неименуван функционер за Ројтерс во петокот.

Италијанската влада сака да вклучи и други европски земји во преговорите со Вашингтон бидејќи смета дека заедничкиот пристап на ниво на ЕУ би бил поефективен, додаде тој.

Во 2019 година, Италија воведе данок од три проценти на приход од интернет трансакции за дигитални компании со промет поголем од 750 милиони евра и праг од 5,5 милиони евра на домашниот пазар, при што во 2022 година се инкасираат околу 390 милиони евра. Така, првиот столб на даночната реформа е заглавен додека договорот за минималната глобална стапка на корпоративен данок на доход од 15 отсто веќе се спроведува, наведува Ројтерс.