Договорот за коридорите 8 и 10-д е таен, така побарале од „Бехтел и Енка“

Со или без измените на законите, автопатиштата ќе се градат, но колку побрзо се гради цената ќе биде пониска, изјави вицепремиерот Груби


 

Деталите од договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д не може да се споделат со јавноста бидејќи се класифицирани по барање на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кои треба да ги градат четирите автопатски делници. Сепак, секое одложување на донесување на измените на осумте закони кои што се во собраниска процедура (како и еден којшто привремено е повлечен) , сигурно ќе доведе до продолжување на рокот на изградба на автопатиштата, но и до зголемување на цената. За колку, тоа останува и натаму енигма, поради тајноста на договорот. Сепак, бидејќи има отворено постапка, Јавното обвинителство го има договорот.

Ова беше соопштено денес на брифинг со новинарите на вицепремиерот Артан Груби, министрите за транспорт и врски и за економија, Благој Бочварски и Крешник Бектеши, директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми, Дарко Спировски од фирмата ИРД, која ќе врши надзор, како и претставници на министерства и институции, кои ги објаснуваа контроверзиите околу законските измени коишто се во собраниска процедура и кои, како што велат, треба да овозможат овој проект вреден 1,3 милијарди евра да се реализира во предвидениот рок од 4 години и седум месеци.

„Договорот со ‘Бехтел и Енка’ е класифициран и не се објавува на барање на конзорциумот“, истакна Груби, додавајќи дека поради тоа Владата не може да го даде на увид на јавноста овој документ за изградба на коридорите. Тој посочи дека и други вакви договори имале карактер на тајност по барање на компаниите потписници, односно не е прв ваков договор потпишан во Македонија. Исто така, тајни биле и договорите кои „Бехтел и Енка“ ги имал склучено за изградба на инфраструктурни проекти во Хрватска, Србија, Косово, Албанија…

Според министерот Бектеши, основната причина за ваквите барања на компаниите е од деловни причини, особено кај оние кои што котираат на берза и каде што секоја информација може да влијае негативно или позитивно на вредноста на нивните акции.

На забелешката дека во 2017 година токму оваа Влада ги објави договорите коишто претходната влада ги имаше склучено со компаниите кои што работат во Технолошко развојните индустриски зони (ТИРЗ), новинарите добија одговор дека биле објавени оние договори со компании кои не котирале на берза.

„Со или без измените на законите, автопатиштата ќе се градат“, рече Груби.

Одговарајќи на прашањето што ќе се случи доколку пратениците не ги донесат измените тој рече дека тоа зависи од пратениците.

„Но, колку побрзо се гради, толку цената ќе биде пониска“, рече тој, потврдувајќи дека во спротивно, ќе дојде до пролонгирање на роковите, а со тоа до зголемување на цената на чинење на автопатиштата.

„Без предложените законски измени, изградбата ќе трае многу подолго и ќе чини многу поскапо“, рече министерот Бочварски.

Во врска со забелешките околу предложеното продолжување на работната недела на 60 часа, на брифингот беше посочено дека тоа се однесува само на проекти кои се од стратешко значење, како и дека тоа ќе се прави само со писмена согласност од страна на ангажираните работници. Како што рече Спирковски од ИРД, ова работно време нужно не значи дека ќе се применува за целиот период на изградба на автопатишата, бидејќи во зимските месеци на пример, градежните активности се значајно намалени во однос на летниот период.

Одговарајќи на прашања за експропријација на земјиштето и како знаат дека за тоа ќе бидат потребни 300 милиони евра, а не повеќе или помалку, на брифингот беше речено дека веќе постои физибилити студија направена од „Грант Тортон“, во која се проценува дека 55 отсто од земјиштето е во приватна, а 45 отсто во државна сопственост, врз основа на што е направена и процената.

Иако во договорот се предвидува дека 51 отсто од работите ќе ги изведуваат домашни фирми, останува отворено прашањето дали тоа ќе биде можно, со оглед на капацитетите кои ги имаат домашните компании. Тоа важи и за работниците кои што ќе бидат неопходни за градење на автопатиштата, па сосема е очекувано тие да се бараат и од други земји.

Претставникот на Министерството за финансии ги расчисти дилемите кои што постојат во дел од јавноста околу исплатата на плати на сметки во странство, при што рече дека тоа е дел од облигациските договори, додека плаќањето даноци е законски регулирано, како и со меѓудржавни спогодби за избегнување на двојно оданочување. Исто така, ослободувањата во врска со плаќањето на ДДВ и на акцизите е вообичаена практика кај вакви проекти, а со измените се прави дополнително олеснување на процедурите. Вакви олеснувања имало и кај договорите со „Синохидро“, за изградба на други автопатски делници.

Во однос на забелешките околу делницата кај Струга, Груби рече дека е изменета трасата на автопатот, таа ќе поминува десно од постојниот пат и на тој начин се избегнати забелешките од УНЕСКО. Тоа значи дека новиот автопат нема да оди до Ќафасан, туку ќе се изгради нов граничен премин, за што веќе е потпишана спогодба со Албанија, како и дека патот на овој начин се скратува за 20 километри.

На прашање колку изнесуваа трошоците за прославата кај Тетово со која се одбележа почетокот на проектот, Груби рече тоа го платила фирмата изведувач.

Инаку, првиот камен темелник за Коридорот 8 ќе биде поставен на 27 април, додека за Коридорот 10-д ќе биде поставен на 12 мај, беше најавено на брифингот.