Додик ќе формира свој суд и ќе го гони Шмит


Милорад Додик се обраќа по изрекувањето на пресудата (Фото: Ројтерс)

Претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, изјави дека овој ентитет на БиХ денеска ќе формира сопствен суд и обвинителство, нагласувајќи дека прв кој ќе биде обвинет ќе биде високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит.

– Ќе го гониме како ѕвер, изјави Додик во обраќањето пред пратениците на Собранието на РС, кое денеска расправа за нацрт-уставот на РС и Законот за заштита на државното уредување.

Додик, кој е и лидер на владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД), призна дека за усвојување на новиот Устав на РС е потребно двотретинско мнозинство, кое владејачката коалиција во моментов го нема, па затоа е неопходна поддршката од опозициските пратеници.

Тој го критикуваше поранешниот висок претставник, Волфганг Петрич, тврдејќи дека неговите наметнати амандмани го направиле актуелниот Устав на РС „волја на странецот, а не на народот“.

Додик нагласи дека Република Српска никогаш не дала свој став за овие наметнати одлуки, посочувајќи дека пратениците во Парламентот на БиХ „не се РС“ и дека овој ентитет има подобра меѓународна позиција од порано.

Според новиот нацрт-устав, РС добива право на самоопределување, се укинуваат Советот на народи и потпретседателите на ентитетот, како и државјанството на БиХ – оставајќи го само ентитетското државјанство. Предвидено е повторно формирање на Војска на РС, како и формирање Висок судски и обвинителски совет на ентитетско ниво.

Главниот град на РС би станал Бања Лука, наместо Сараево, додека Пале (Источно Сараево) би било прогласено за „престолнина“.