Додик: Беќировиќ не може да зборува во името на цела БиХ


Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска изјави дека еден член на Претседателството на БиХ, избран од една од трите конститутивни нации, не може да зборува во име на цела Босна и Херцеговина ако тоа не е договорено во тричленото Претседателство. 

Додик наведе дека дека во Босна и Херцеговина нема државна политика за ниту едно прашање.

„Постојат заеднички политики, кои се усогласени на ниво на Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина. Денис Беќировиќ не е млад во политиката. Очигледно е дека ги заборавил основите на политиката или не му се допаѓа тоа што го научил“, напиша Додик на социјалната мрежа Х.

Тој додаде дека не му се допаѓа ниту Уставот, но мора да го почитува.

„Беќировиќ, исто така, не може да зборува во име на граѓаните и народите на БиХ ако верува дека Република Српска е во БиХ“, рече Додик.

Според него, ставот на Република Српска за интеграцијата во НАТО го утврдил Народното собрание на РС, поради што БиХ не може да се движи кон НАТО.

„Затоа Беќировиќ тропа на погрешна врата кога бара од Алијансата да го забрза приемот на БиХ во НАТО“, рече Додик.

Беќировиќ по вчерашната средба со делегацијата на членовите на Северноатлантскиот совет (НАЦ), предводена од заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, изјави дека главни приоритети на надворешната политика на БиХ се членството во НАТО и ЕУ.

Република Српска смета дека БиХ треба да ја задржи својата неутралност и се противи на членството на земјата во НАТО.