Доделени ВАР сертификатите за македонските судии

По неколку месечна обука со многу предавања, практична работа, симулации и тест натпревари со реална примена на ВАР системот, во присуство на судиите, ВАР проектниот тим, операторите и едукаторите од ФИФА, свечено беа доделени сертификатите за првата генерација ВАР судии во Македонија пред „куќата на фудбалот“.
Со тоа е завршен еден процес на имплементирање на ВАР системот, што треба да се применува во новата сезона во Македонија, која почнува од 8-10.август со натпреварите од Првата фудбалска лига.
Со поздравни зборови се обратија Дејан Јакимовски, проект лидер за имплементирање на ВАР систем и генералниот секретар на ФФМ, Леонид Јандреоски.
– Сакам да изразам голема благодарност до сите кои беа дел од овој процес, пред сè до нашите судии, кои прифатија нов предизвик и покажаа дека сме подготвени за следното ниво. Искрена благодарност до инструкторите од ФИФА за нивната стручност и несебичност, како и до нашите партнери, операторите кои беа клучни во техничката поддршка за функционирањето на ВАР системот. Голема благодарност и до Македонската радио телевизија за нивната техничка поддршка и координација, како и до судиската организација на ФФМ, која даде голем придонес во целиот процес и ја водеше работата на терен. И, секако, до претседателот на ФФМ кој уште од самиот почеток стоеше зад проектот и даде целосна поддршка за да стигнеме до тука. Не доделуваме само сертификати, туку градиме доверба во системот и правиме голем чекор напред за нашиот фудбал”, истакна во своето обраќање генералниот секретар на ФФМ Леонид Јандреоски.
Симболично, сертификатите им беа врачени од фудбалските великани Горан Пандев, Илија Најдоски, Агим Ибраими и Ѓорги Христов.