Доделени 28 социјални станови во Виница
Клучеви од социјални станови на 28 семејства им беа поделени денеска во Виница, на семејства во социјален ризик, кои стигнаа до покрив над главата со помош на државата.
Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска ги доделија клучевите на семејствата

„Денес, ја делиме среќата со 28 семејства од Виница кои започнуваат да живеат во нов дом и започнуваат ново поглавје во своите животи. Денес, наши сограѓани, добиваат нови домови каде ќе ја градат својата иднина и ќе ги реализираат своите соништа. Нивната радост е и наша радост, бидејќи ги исполнуваме очекувањата на граѓаните преку нашите политики, градејќи квалитетен живот за сите, насекаде низ нашата држава“, порача Ковачевски на доделувањето на становите.

Ранливите групи на граѓани добиваат покрив над главата со изградба на социјални станови низ целата држава преку Програмата за ранливите категории на граѓани.
„Овде, во Виница инвестираме над 1,2 милиони евра во овој нов објект. Становите се со површина од 36 до 50 квадратни метри и се наменети за деца над 18 години без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост, социјално загрозени како и самохрани родители со малолетни деца“, додаде Ковачевски.

„Денеска овој ден е среќен за сите. Среќен е за вас бидејќи започнувате ново поглавје во животот, во нов дом каде веруваме дека надежта за поспокоен и подобар живот како наша цел ја исполнивме за вас. Верувајте дека и ние сме исполнети кога гледаме среќни и задоволни семејства, кога ваквите политики и инвестиции даваат резултат, и искрено драго ми е што токму граѓаните директно ги чувствуваат придобивките и бенефитите. Нашето заедничко присуство со премиерот силно покажува дека Владата е тука за граѓаните, даваме силна поддршка за проекти кои обезбедуваат подобри услови за живеење на сите граѓани“, рече министерот Бочварски, кој на семејствата им посака во добро здравје да имаат уште многу вакви среќни моменти во нивните нови домови.

Во изминатите четири години се изградени и во фаза на изградба се над 860 социјални станови. Само за споредба, од 2011 до 2016 година се изградени 600 станови.
Од 2017 година досега се доделени станови во Струмица, Гостивар, Македонски Брод и Пробиштип. Денеска сме тука во Виница, а следни се и градовите Свети Николе, Демир Капија, Гевгелија. Завршени се социјалните станови во Неготино и во Велес, а во тек се финалните градби во Дебар, Бутел и Кочани.
Во Демир Капија се очекува становите да се распределат наскоро, а во тек се и огласите за распределба на социјални станови во Гевгелија.
За оваа година во Буџетот на Министерството за труд и социјална политика обезбедени се 5,5 милиони евра повеќе од лани за социјални услуги.