Добрите оценки од ЕУ го налутија Мицкоски


ЕРОЛ РИЗАОВ

Мицкоски е многу загрижен и уплашен  што Македонија оваа пролет ќе стане членка на НАТО и ќе добие датум за преговори со ЕУ, а ВМРО ДПМНЕ и тој не учествуваа во создавањето на тој успех

Најзначајниот извештај што досега го добила Македонија од Европската комисија за отпочнување на преговорите со ЕУ  на Христијан Мицкоски лидерот на ВМРО ДПМНЕ  не му се допаѓа. Толку многу го налутиле добрите оценки за напредокот за неговата многу сакана татковина што излезе вознемирен пред јавноста да го искаже својот револт дека ништо од тоа што го напишале во Брисел, тие што со години ги следат достигањата на нашата земја, не е точно. Мицкоски гневен на ЕУ  вели  нема реформи, нема никаков напредок, а му се допаѓа само препораката да се одреди датумот за почеток на преговорите. Но и тоа го релативизира со фактот дека и порано сме добивале вакви извештаи и препораки.

Во долгогодишните односи со ЕУ, практично од првиот извештај за напредокот на Македонија, досега не сум чул македонски политичар јавно да излезе и да ја оспори препораката за почеток на преговорите со ЕУ. Вакво предавство на националните и стратегиски  интереси не може да се затскрие со флоскулата дека граѓаните на Македонија ја заслужуваат препораката  за почеток на преговорите и само тоа е прифатливо и добро во извештајот, а сѐ друго не чини. Вакво нешто тешко е да се смисли,  а уште потешко јавно да се каже ако човек има малку здрав разум.  Дури и да е така, а не е, еден сериозен политичар кој претендира да биде премиер ни на сон не би можел да изговори такво нешто против најголемите приоритети и интереси  на својата земја и народ. Како може да има препорака за почеток на преговори на Европската комисија ако сѐ друго што е услов да почне процесот за интеграција не чини и нема ни Р од реформи, што би рекол Мицкоски.

Но,  ако се проследи повнимателно што се кажа претседателот на ВМРО ДПМНЕ станува разбирлива неговата загриженост поради ваквиот успех  и големата извесност дека оваа пролет Македонија ќе добие датум за преговори што ќе го отвори патот за членство во ЕУ,  два грандиозни успеси за иднината на граѓаните и на државата. Дијагнозата за болката на Мицкоски се открива од реченицата дека Никола Димитров и Зоран Заев го приватизираат интегративниот процес. Се разбира, не сакаше подетално да  образложи пред јавноста што сака да каже со тоа, бидејќи ќе мора да се соочи со фактот дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски одбија да учествуваат во поделбата на најголемиот успех што Македонија го постигнала од прогласување на независноста до денес. И ден-денес компромитираниот врв на ВМРО-ДПМНЕ не го признава овој успех и ги проблематизира договорите со соседите кои се главните предуслови за почеток преговорите со ЕУ и за членство во НАТО.

Чудно и несфатливо е тоа двојство кај Мицкоски. Од една страна се прикажуваат како западно ориентирана политичка партија и политичари, поддржувајќи ги само на зборови европските вредности, меѓу кои компромисот е на врвот од скалата, а од друга страна бараат казна на изборите од јавноста за „грешниците“ кои го постигнаа тој успех. Практично,луѓето кои ги нанесоа најголемите штети на граѓаните на  Македонија во процесот на евроатлантските интеграции и ја држеа цели 11 години во место и ја заробија и ограбија државата луѓето кои  го озаконија криминалот и се уште ги бранат криминалците блокирајќи ги реформите во правосудниот систем, блокирајќи го донесувањето на законите кои се предуслов за отпочнување не само на преговорите со ЕУ  туку воопшто во изградба на демократско современо општество  блокирајќи ги односите со соседите, денес зборуваат за приватизација на интегративните процеси. Тие што ја изолираа Македонија зборуваат за приватизација. И како и секогаш во вакви ситуации Мицкоски вика – држте го лоповот. Демек, народот заслужил да добиеме и датум за преговори и членство во НАТО ама тој подарок паднал од небото по заслуга на ВМРО-ДПМНЕ.

Навистина му е тешко на Мицкоски како да направи пресврт кога се остваруваат најзначајните државни интереси  во кои во најтешките моменти на нивно остварување тој и ново старото раководство од ВМРО-ДПМНЕ беа против. Дури и во една јавна објава неговиот ментор Никола Груевски го повика да не ги блокираат евроатланските интеграции на Македонија.

Истиот ден Мицкоски во недостиг на идеи направи уште едно салто мортале па ги урна барокот  и  антиката со кои толку многу се гордееше раководството на ВМРО ДПМНЕ. Рече, ќе гради современа театарска зграда ако дојде на власт и тоа божем многу значајно го повтори трипати уште рече и недорече  дека ќе ги качи платите во образованието и здравството. Некој му ги подметнал во предизборната кампања законите кои ги блокираше  ВМРО ДПМНЕ и неговите погрешни политики во Собранието,  а кои го предвидуваат истото да биде постигнато многу порано отколку да чекаме Мицкоски да стане премиер и да курдиса влада.

Што се однесува до нов современ театар тоа не е тешко да се направи со народни пари. Тешко е да се направи современа претстава. ВМРО-ДПМНЕ уште и во 21 век ги игра гемиџиите во живо на отворена сцена во главна улога со статисти.

Со  ВМРО-ДПМНЕ не бидува Европа и да биде нема да личи.  Од дрво маша не се прави.