До ВМРО-ДПМНЕ: Не е „пиун“, туку „пион“
Опозициската партија наголемо употребува зборови од скопскиот сленг со српско извориште без никој таму да се замисли за македонскиот јазик кој толку многу го бранат

Најмакедонската партијата, која со децении сака да се удира в гради за наводен најизворен македонизам и за заштита на македонскиот јазик и историјата, во нејзините соопштенија постојано протнува србизми од разговорниот јазик.
Пред една година во масовна употреба од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, па преку потпретседателите до портпаролите беше синтагмата „брза трака“ за да се каже дека доколку партијата би дошла на власт таа би ја катапултирала Македонија во ЕУ.
Скопскиот сленг не ѝ прилега на партијата, бидејќи во македонскиот јазик не постои „трака“ туку „лента“. Или можеби, патека. Така што имаме „брза лента“, а не „брза трака“.
Истатата опседнатост со сленгот се повторува и сега, кога партијата од ден на ден по 5-6 пати дневно го означува новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, како „пиун“ на Зоран Заев. Тој збор го кажува и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
Така е и во днешното редовно утринско куоминике кое почнува со реченицата: „Пиунот Ковачевски да се извини за сите предавства и криминали на Заев“.
Но во литературниот македонски јазик нема „пиун“, туку „пион“. Во Речникот на македонскиот јазик зборот „пион“ има две значења: 1) пешак во шаховската игра; и 2) лице со кое некој се служи по своја волја (преносно значење).
Не станува збор за никаков „пиун“.
Можеби самиот Мицкоски, а и генералниот секретар Сајковски, па и искусниот шеф на депертментот за информирање, Димовски, би требало да им кажат на оние што ги пишуваат сооопштенијата, а потоа тие или други ги читаат пред камери, дека со лоша употреба на србо-скопскиот сленг му нанесуваат голема штета на македонскиот јазик.
И поради тоа што многу, повеќе или помалку, опскурни портали тоа го пренесуваат со прекопирање и го шират во мрежата за информирање србо-скопскиот сленг чие извориште е централата на ВМРО-ДПМНЕ.
Бидејќи продуцираат неверојатен број соопштенија дневно, кои се преполни со јазични, граматички и синтаксички грешки (надвор од идејата да се извлече политичка поента) редно време во ВМРО-ДПМНЕ да вработи лектор. Ќе има многу работа. За да се оправда најмакедонското во најмакедонската партија. (Н.В.)