До Советот на ЈО до крајот на работниот ден не пристигнала оставка од Јанева
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор во затворот „Скопје“ за предметот „Рекет“, како што јавуваат дел од медиумите, попладнево доставила писмо до Советот на јавни обвинители со кое ја активира оставката што ја поднесе на 15 јули.
Претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски за МИА информира дека до крајот на работниот ден на Советото, до 15 часот и 30 минути, немаат добиени никаков допис, но вели дека е можно да пристигне во текот на утрешниот ден и дека не може да ја соопшти содржината.
-Ние во Советот, доколку стигне, ќе ја разгледаме веднаш и ќе одлучиме како би постапиле, истакнува Колевски.
Јанева поднесе условна оставка на 15 јули, на денот кога беше уапсен Борај Јовановски за случајот „Рекет“, а која требаше да биде активирана кога ќе се избере нов специјален обвинител.
Праќањето на писмото е откако денеска собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата едногласно донесе одлука на Собранието да му препорача разрешување на Јанева поради несовесно, нестручно и незаконито раководење со институцијата.