До Сиљановска уште не стигнале честитки за 8 септември од ЕУ, Грција, Бугарија, Србија, Хрватска…


 

Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска објави список на честитките што стигнале до неа по повод Денот на независноста 8 септември. Според списокот што го достави Кабинетот стигнале 17 честитки. На врвот од списокот е американскиот претседател Доналд Трамп, па двајца кралеви, Карл XVI Густаф на Шведска и Филип на Белгија. Тука се и честитките на претседателите на Романија, Израел, Турција, Германија, Финска, Словенија…

Но на списокот ги нема водечките функционери на ЕУ. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на Икс објави општа честитка: „По повод националниот ден на Северна Македонија, упатувам срдечни честитки до нејзиниот народ и власти“. Тој во честитката додаде дека Европската унија останува посветена на нашата заедничка иднина и на европскиот пат на земјата.

Некои од честитките, според искуството, доаѓаат и подоцна. Но забележливо е што, барем според списокот што го објави Сиљановска, досега до неа не испратиле честитки соседите – Бугарија, Србија, Албанија, Грција. Единствено честитка испратила претседателката на Косово, Вјсоа Османи. Честитки до неа, барем засега, нема ни од Велика Британија и Франција.