До крајот на годината богатите земји ќе имаат 1,2 милијарди дози вакцини вишок

Богатите држави се соочуваат со сè поголем притисок за распределба на вакцините против Ковид-19, што можат да ги распределат по земјите со низок приход, покажува новата налаиза спроведена од лондонската научно-аналитичка компанија „Airfinity“.
Анализата укажува на тоа дека до крајот на 2021 година на располагање ќе бидат 1,2 милијарди дополнителни дози. Компанијата истакнува дека дел од залихите може да се распределат, а при тоа да не се загрозат сопствените кампањи за вакцинирање.
Западните земји и Јапонија во моментот имаат околу 500 милиони дози против корона вирус, кои веднаш може да ги распределат во сиромашните земји. А до крајот на 2021 таа бројка може да се зголеми на 1,2 милијарди.
Светот на крстопат
Ако се распределат вишоците од богатите земји, може веднаш да се реши големата нееднаквост во снабдувањето. Според програмата на „Our World in Data“ на Универзитетот Оксфорд, се проценува дека до 2 септември само 1,8 отсто од населението во сиромашните земји примиле една доза вакцина, додека во богатите, тој процент изнесува 64 отсто.
„Светот е на крстопат во поглед на достапноста и прозиводството на вакцини. За големите западни земји предизвик не е понудата, туку побарувачката. Глобалниот синџир на достава успешно го зголемува производството, а нашата детална прогноза покажува дека земјите со високи приходи може да имаат доверба во тоа дека стигнуваат доволно вакцини, што би требало да ја намали потребата за складирање“, вели соосновачот и извршен директор на „Airfinity“, Рамуш Беч Хансен.
„Начинот на кој вакцините се дистрибуираат, како заминуваат и се препородаваат или се донираат на крајот е политичка одлука. Мислам дека овие бројки покажуваат дека имаме глобално подобри темели за донесување важни одлуки за распределбата и дека може да избегнеме непотребно фрлање одредени количини“, додава Хансен.
Освен што ќе придонесе кон влошување на социјално-економска нееднаквост меѓу северот и југот, оваа разлика може да влијае и на пандемијата. Имено, стручњаците сметаат дека постои понатамошен ризик од мутација на вирусот ако тој продолжи да се шири меѓу ранливите категории. САД, европските и останатите нации, може да ги задоволат сопствените потреби, да вакцинираат околу 80 отсто од своите популации над 12 години и да продолжат со бустер доза. Потоа би им останала голема количина вакцини за светска прераспределба“, велат од „Airfinity“.
„Мора да насочиме дози кон оние на кои им е потребно и да ги отвориме сите договори“, вели Фатима Хасан, директорка на Иницијативата за здравствена правда, непрофитна организација од Кејп Таун.
Во моментот се произведувата по 1,5 милијарди дози месечно
По независното преиспитување на меѓународниот одговор на корона вирусот порано оваа година, земјите со високи приходи повикани се до средината на 2022 година да достават повеќе од 2 милијарди дози во сиромашните региони. „Airfinity“ вели дека од повеќе од милијарда дози, кои земјите членки на Г7 и ЕУ ги ветија, досега се испорачани помалку од 15 отсто.
Беч Хансен смета дека на ова прашање се гледа како на избор меѓу продолжувањето на кампањата за трета доза дома или прераспределба на дозите во странство, но вели дека тоа е лажна дилема затоа што може да се реализира и едното и другото. Глобалното производство постојано расте и смета дека некое значително нарушување во производството многу малку е веројатно.
„Airfinity“ проценува дека производството до крајот на годината може да надмине 12 милијарди дози, вклучувајќи ги и кинеските вакцини, што е околу 11 милијарди потребни за вакцинирање на населението во целиот свет.
„Производителите во моментот прават по 1,5 милијарди дози месечно, а се очекува и пораст на производството“, стои во проценката на лондонската компанија.
Ако се земат предвид и дозите од Кина, кои Светската здравствена организација ги одобри, бројот на расположливи дози за донации расте на 1,6 милијарди до крајот на оваа година.
Тоа значи дека споменатиот број дози вакцини е доволен за потполна вакцинација на повеќе од 70 отсто од населението од подсахарска Африка, каде во моментот има само 3 отсто вакцинирани. Според последните податоци на УНИЦЕФ од 20 август, овој регион досега примил 60 милиони дози вакцини.